Ќе се задолжи ли државата за 260 милиони евра одлучуваат денес пратениците

Пред пратениците денеска на пленарна седница е Предлог-законот за задолжување кај странски банки во висина од 260 милиони евра поради кој опозицијата ја напушти расправата на собраниската Комисија за финансирање и буџет.
Владата бара заем од 260 милиони евра кој ќе биде наменет за општи буџетски потреби. Заемот треба да се повлече во една транша, рокот за отплата е седум години, на девет еднакви полугодишни рати, со вклучен грејс-период од три години. Каматната стапка е варијабилна и се состои од шестмесечен ЕУРИБОР, зголемен за маргина што изнесува 2,10 проценти.
– Република Северна Македонија ќе им плати на заемодавачите еднократна провизија во износ од 1,4 процент од износот на заемот. Република Северна Македонија на агентот на заемодавачите ќе му плаќа провизија во висина од 12.500 евра на годишно ниво, се вели во Предлог-законот.
Опозицијата не се согласува со толку големо задолжување кое според нив нема да изнесува 260 мииони евра туку плус дополнителни 20 милиони евра за камати што ќе треба да ги плаќаат идните генерации.
Поради ова законско решение, опозицијата ја напушти работата на Комисијата за финансирање и буџет, а откако претседателот на Собранието свика седница на Комисијата со која ќе претседава Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ, најави интерпелација и кривична пријава за претседателот на Собранието.
Изјавата на лидерот на опозицијата Венко Филипче дека заемот ќе чини дополнителни 20 милиони евра ја поттикна министерката за финансии преку објава на Фејсбук да ја повика СДСМ на средба, што Филипче ја прифати, а потврда стигна и од пратеникот и поранешен вицепремиер за економски прашања Фатимир Битиќи со предлог средбата и соочувањето на аргументите да се случи во законодавниот дом пред пратениците.
The post Ќе се задолжи ли државата за 260 милиони евра одлучуваат денес пратениците appeared first on Provereno.

Пронајдете не на следниве мрежи: