Жерар Депардје станува Русин или Црногорец?

Актерот Жерар Депардје, кој неодамна се пресели во Белгија за да избегне плаќање данок во родната Франција, би можел наскоро да стане руски или црногорски државјанин.

Извор близок до глумецот изјави дека Депардје му рекол дека од својот руски пријател, претседателот Владимир Путин, веќе добил руски пасош. Истиот извор, кој тврди дека во вторник се сретнал со Депардје во еден ресторан во Париз, навел дека до сега три земји му понудиле на глумецот ново државјанство, Белгија, Русија и Црна Гора.
Тој рече дека Депардје меѓу две чашки шампањ викнал „Путин ми испрати пасош!“ и додаде дека Русија го чека со раширени раце.
Популарниот актер истакна дека нема да ги прекине сите врски со Франција.
Одлуката  да се отсели од Франција за да избегне плаќање данок предизвика бројни полемики во јавноста последните денови. Претставниците на левицата во Франција го обвинија глумецот за непатриотски гест, додека десницата тоа го искористи за критика на актуелната власт на социјалистите заради иселувањето на богатите луѓе.
„Никогаш никого не убив, ништо не погрешив, и платив данок на државата од 145 милиони евра во последните 45 години, вработив 80 луѓе. Не очекувам ни прекор, ни пофалби, но не дозволувам било кој да ме нарекува бедник“, наведе Депардје во отвореното писмо до францускиот премиер Жан-Марк Ерно.
Владата на францускиот претседател Франсоа Оланд разгневи многу богаташи во Франција со својот буџет за 2013 година, кој предвидува драматични даноци за богатите.
Откако на чело на државата го замени Никола Саркози во мај, Оланд најави низа остри мерки со цел борба против кризата во еврозоната, вклучувајќи и зголемување на даноците, а неодамна ја потврди својата намера на оние кои што годишно заработуваат повеќе од милион евра, да им наметне данок од 75 отсто.
Оланд, кој за време на изборната кампања порача дека не ги сака богатите, пред три дена најави ревизија на даночните договори со членките на ЕУ, меѓу кои и со Белгија, за да се избегне иселување на Французите во земјите во кои даночната политика им е наклонета.

Макфакс

Пронајдете не на следниве мрежи: