Јаневски: Не ветувам пласмани, само подобра игра

Чеде Јаневски, новиот селектор на македонската фудбалска репрезентација, на својата прва средба со новинарите рече дека националниот тим овој пат во следните квалификации нема да се залетува со поставување на невозможни цели.

– Не можам да ветам одреден пласман, или да поставам одредена цел, туку можам да кажам само дека ќе го подобриме нивото на играта – рече стручњакот кој досега постојаното место на живеење му беше во Белгија. Поранешниот ас на Вардар ќе престојува во Македонија и континуирано и непосредно ќе ги следи случувањата во македонскиот фудбал и играчите.

– Ќе поставам мои соработници со кои ќе се обидеме да ја подобриме општата состојба на македонскиот фудбал. Не сум дојден за да остварам некој личен успех, туку да помогнам со моето лично искуство. Ги анализирав последните три натпревари на македонската репрезентација и мој заклучок е дека не треба од никого да се плашиме во следниот квалификациски циклус. Ќе има измени во играта и некои играчи ќе добијат нови улоги – гласеа дел од изјавите на Јаневски, кој досега има водено неколку белгиски и кипарски екипи.

Неговиот договор е потпишан до крајот на квалификациите за пласман на СП 2014, а во групата со Македонија се уште Хрватска, Србија, Белгија, Шкотска и Велс.

Пронајдете не на следниве мрежи: