Претседателот Иванов повика на единство и сплотеност во Новата година

Потребни ни се единство и сплотеност, за успешна и просперитетна Република Македонија, порачува претседателот Ѓорге Иванов во своето Новогодишно обраќање до нацијата.„Годината што заминува, беше исполнета со многу исчекувања и многу предизвици. Ова се времиња кога големите идеи и големите проекти проаѓаат низ кризни периоди. Ние не сме имуни на сето тоа што се случува во светот, и на економски и на политички план. Вие почитувани граѓани ги чувствувате тие промени, но благодарејќи на вашата мудрост и вашата сила, излегуваме секогаш поцврсти и порешителни. Секоја криза во исто време е и голем предизвик. Време за нови можности и надежи. Овие празнични моменти, се моменти, кога нè сплотува надежта. Надежта е таа што ни дава сила да опстоиме во заедничките цели. Ни дава елан и мотив за подобра иднина“, вели Иванов.

 

„Ова се и моменти да се потсетиме дека никогаш не треба да го потценуваме тоа што го имаме. Да го почитуваме, тоа што досега сме го стекнале, како во домот меѓу блиските, така во местото каде живееме и работиме, но и во државата како целина. Нашето одговорно однесување ни дава основа да бараме и другите одговорно да се однесуваат кон нас. Разликите и поделбите не смеат да нè одвлечат од државните интереси и стратешките цели. Потребни ни се единство и сплотеност, за успешна и просперитетна Република Македонија“, порачува претседателот Иванов.
„Во оваа прилика, им должиме благодарност на сите кои изминатава година, дадоа придонес, да се чувствуваме горди и успешни. Секој постигнат резултат, секој освоен медал или признание е мотив за нови успеси. Успехот на секој од нас, е успех на нашата татковина. Тоа што ќе го вложиме, тоа и ќе го добиеме, а по тоа, и другите ќе не препознаваат. Дозволете ми да ја искажам и благодарноста кон Армијата на Република Македонија и безбедносните сили, кои ги чуваат и бранат нашиот мир и нашите вредности“, вели претседателот Иванов.
„Среќна Нова 2013 година! Нека секој од нас, ја почувствува правдината, добрината и убавината!“, посакува претседателот Иванов во своето Новогодишно обраќање.

Макфакс

Loading...