Кој е долгорочниот план на СДСМ?

СДСМ со најава дека ќе ги бојкотира локалните избори и дека не ги признава институциите, пред сѐСобранието, во чија работа нема намера да учествува.

Потпретседателот на партијата Гордан Георгиев изјави дека условите поставени пред 24 декември веќе не важат, нема да поставуваат нови и едноставно нема да учествуваат во изборните циклуси. За СДСМ и Собранието постои само на хартија од моментот кога нивните пратеници, заедно со тие од коалициските партии, беа отстранети од салата за седници за да се одблокира донесувањето на буџетот. Затоа партијата ќе продолжи да дејствува на улица.

Но кој е долгорочниот план, што треба да се постигне со овие активности? Како СДСМ сака да ја дочека 2014 година? Со решена политичка криза или сѐуште со граѓански парламенти на тротоарите и со неучество во работата на органите на државата? Партијата засега не дава одговор на ова прашање, а според некои политички аналитичари, тој одговор сѐуште не ни постои и сите потези што ги направи во изминатиов период беа резултат на брзи одлуки, а не на поголема стратегија што треба да се оствари на подолг рок.

Повеќе можности им стојат на располагање на партиите за да се излезе од оваа ситуација. Тоа што СДСМ може да го направи е да ги прекине сите бојкоти или барем да не ги бојкотира изборите, продолжувајќи го неучеството во работата на Собранието. Можно е и да им дозволи на дел кандидати да учествуваат како независни, или, пак, тие самите да се кандидираат без оглед на одлуката на партијата. За да се оствари нивното барање за техничка влада и силен меѓународен мониторинг за избори, ќе им треба и согласност од ВМРО-ДПМНЕ. Тоа што засега е најмалку веројатно е масовен револт на улиците и менување на власта на тој начин.

Најавата за бојкот на Собранието и на изборите е логичен потег на опозицијата по развојот на настаните со донесувањето на буџетот, вели професорот Здравко Савески, додавајќи дека тоа сепак ќе ѝнанесе силен удар на демократијата во земјава. Според него, тешко дека опозицијата ќе се врати во Собранието ако ништо не се смени.

– Враќањето на опозицијата во Собранието без да се исполни ниеден услов е тешко остварливо, а исто и нејзиното учество на изборите на овој начин. Но и таа треба да биде свесна дека неучеството може да ѝсе врати како бумеранг – вели Савески.

Аналитичарот Владимир Божиновски очекува сите бојкоти да завршат до последниот рок за поднесување кандидатури за градоначалници, бидејќи СДСМ нема друг избор.

– И во 2011 година се најавуваше бојкот, но две работи се различни – тогаш стануваше збор за А1, а сега за буџетот, и втората е дека тогаш беа парламентарни избори, а сега се локални. Значи, многу потешко се контролира ситуацијата кога има над 80 различни избори – смета Божиновски.

  ЛОКАЛНИТЕ ИЗБОРИ

Очигледен е внатрешниот притисок во СДСМ да се учествува на изборите, кој главно доаѓа од градоначалниците во нејзините редови. Охридскиот градоначалник Александар Петрески, кој се надева на уште еден мандат, вчера изјави дека не е добро да се бојкотираат изборите и на нив да учествуваат само партиите од власта, зашто тоа би водело кон едноумие. Затоа, би можело да се случи СДСМ да прифати да излезе на локално соочување, а да го продолжи бојкотот во Собранието.

– Неучеството на изборите би значело губење на општините каде што се очекува нејзина победа, а тоа се оние места каде што и досега беше на власт – вели Савески.

Од друга страна, ако опозицијата ги признае изборите организирани од сегашната власт, тогаш не би имало смисла нејзиното непризнавање на централните институции, а со тоа и останувањето надвор од Собранието.

– Во тој случај ќе ѝдадат легитимитет на оваа влада и ќе немаат реална причина ниту да продолжат со бојкотот во Собранието. Но најголемиот проблем што го имаат е дека ако се отиде на избори, Бранко Црвенковски ќе мора да се повлече од лидерското место на конгресот во мај, па ќе дојде ново раководство со кое можеби ќе биде полесно да се преговара – нагласува Божиновски.

НЕЗАВИСНИТЕ  КАНДИДАТИ

Градоначалникот Петрески, и покрај сѐ, рече дека ќе ја почитува одлуката на партијата да не се учествува на изборите, но се надева дека власта ќе собере сили и ќе ги прифати барањата на опозицијата за да се избегне бојкотот. Петрески е оптимист дека избори ќе има и дека тој ќе учествува на нив. Со сличен ентузијазам изминативе денови настапи и Зоран Заев, градоначалникот на Струмица и потпретседател на СДСМ, кој во едно интервју опширно ги најавуваше своите планови за новиот мандат, иако на крајот изрази резерва дека сепак можеби нема да учествува ако не се исполнат барањата на опозицијата. Дали може СДСМ да им дозволи на дел кандидати да учествуваат и покрај нивната одлука за бојкот?

– Некои градоначалници би можеле да одат и како независни кандидати, но тоа не можат да го направат со дозвола од СДСМ, зашто би значело опозициско учество на изборите – смета Савески.

Расколот е апсолутно можен, дури и неизбежен ако се опстои на одлуката за бојкот на изборите. Според него, тешко ќе се задржат градоначалниците како Заев, Петрески или Стевчо Јакимовски да не учествуваат.

ТЕХНИЧКА ВЛАДА И МЕЃУНАРОДЕН МОНИТОРИНГ

Она што сигурно нема да се оствари е формирањето техничка влада, објаснува Божиновски.
– Едноставно, нема причини за тоа, затоа што таква работа се прави кога е загрозено функционирањето на Владата. Овде тоа не е случај – додава тој.

За Савески, во сценариото што го нуди СДСМ за техничка влада, треба да имаме предвид дека иако тоа можеби се чини како најдобро решение, не е реално, не е остварливо, власта не би го прифатила.

– Затоа тука е меѓународната заедница, која може да одигра клучна улога со тоа што ќе понуди засилен мониторинг на изборите. Со тоа можат да се создадат услови за опозицијата да прифати да учествува на изборите. Но многу е важно априори да се прифати оценката што ќе се даде. Затоа што во Украина имаше силен мониторинг, но кога меѓународната заедница излезе со став дека изборите се нерегуларни, владејачката партија одговори дека тоа не е точно и си продолжи по старо. Тоа не смее да се случи – смета професорот.

Не е јасно што точно опозицијата подразбира под силен меѓународен мониторинг.

Ние секогаш имаме странски набљудувачи на изборите, тоа го имаат сите држави и е сосема нормална работа. Тие набљудувачи позитивно ги оценуваат последните неколку изборни циклуси .

РЕВОЛУЦИЈА

Интелектуалци блиски до СДСМ често во своите колумни или во јавните настапи повикуваат на револуција, на масовни протести со кои би се урнала власта. И тоа би било поместување од сегашниот статус кво, но колку е реално да се очекува?

Црвенковски очекува дека ако подолго време партијата остане на улица, ќе ѝсе приклучуваат сѐповеќе и повеќе луѓе. Очигледно е дека тоа не се случува. Тој нема критична маса, ја има загубено харизмата. Црвенковски од 1990-тите можеби ќе собереше 20.000 луѓе, но Црвенковски од 2012-2013 година веќе не може.

ТРЕТИНА ПЛАТА

Опозициските пратеници ќе земаат само по една третина од својата месечна плата за периодот додека го бојкотираат Собранието. Законодавниот дом го соопшти ова вчера, иако било одлучено уште на 31 декември, на координативен состанок кај претседателот Трајко Вељановски. Станува збор за пратениците од СДСМ, НСДП, ЛП, ПЕИ, СЛ и од НДП, како и други што се поврзани со нивните пратенички групи. Тие го бојкотираат Собранието од 24 декември, кога беа отстранети од седницата на која се усвои буџетот за 2013 година.

 

Пронајдете не на следниве мрежи: