Црвенковски го изигра Статутот на партијата

Лидерот на СДСМ Бранко Црвенковски го изигра Статутот на партија со повикувањето на таканаречен мини конгрес, кој не постои во Статутот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија.Според извори од партијата, Црвенковски со вакиот чекор дополнително го зголемил незадоволството и револтот кај многу сопартијци. Иако тој вчера тврдеше дека немало незадоволство при носењето на условите, сепак дел од медиумите пишуваа дека вторникот вечерта постоела различна дискусија околу тоа колку реални би биле тие барања, а воедно на седницата не изостанале и жестоки дискусии кои биле проследени со повишен тон.

Со неодењето на избори на Црвенковски, чекор за кој аналитичарите сметаат дека се прави само за да се спаси неговата лична кариера поради изгледниот пораз  во март, исто така се создава и револт кај вработените во општините со кои раководат градоначалници на СДСМ.

Додека тие се плашат за својата егзистенција, Црвенковски спокојно води деструктивна политика благодарение на големата претседателска пензија од над 80 илјади денари и се уште ужива од ефектите на транзициските зделки од минатото.

За условите кои СДСМ ги постави за да излезе на избори, влада на доверба, во која министрите за внатрешни, финансии и правда ќе бидат независни лица и која истовремено ќе изведе и локални и парламентарни избори, прочистување на избирачкиот список, изборно законодавство согласно препораките на ОБСЕ и ОДИХР и промена на директорот на МРТВ, експертите оценија дека дел од нив се нереални, неразумни и неприфатливи.

Поранешниот премиер и претседател на СДСМ Владо Бучковски, кој неодамна беше исклучен од опозициската партија со одлука на лидерот Црвенковски, смета дека самиот Црвенковски е свесен дека дел од поставените услови не може да ги добие, па некои од нив се ставени на маса повеќе како простор за евентуален компромис или пазар.

Граѓаните пак, според коментарите на социјалните мрежи дури и со потсмев гледаат кон условите на СДСМ.

 

Пронајдете не на следниве мрежи: