Ето одби да се врати во репрезентацијата

Еден од најдобрите африкански фудбалери во историјата, 31-годишниот камерунски напаѓач Самуел Ето одби да се врати во репрезентацијата.

Овој потег Самуел Ето го донесе иако му истече осуммесечната суспензија што му  ја изрече Камерунскиот фудбалски сојуз кон крајот на минатата година, заради тоа што го предводеше штрајкот на камерунските репрезентативци поради што беше откажан пријателскиот натпревар со Алжир.

Ето во своето отворено писмо до својот национален фудбалски сојуз наведува дека нема да се врати во репрезентацијата поради „аматерскиот пристап и лошото водење“.

„Жалам што морам да ве известам дека нема да играм за репрезентацијата, бидејќи проблемите на коишто укажував како капитен не се решени. Репрезентативната атмосфера и натаму е на аматерска основа, а водството е непримерно за врвно ниво коешто го бара спортот. Сигурен сум дека љубителите на ‘непобедливите лавови’ ќе го разберат мојот потег кој е насочен исклучиво кон укажување внимание на ова дека е потребно професионално раководење со оваа екипа“, се наведува во писмото на Ето.

Ето, инаку, доби покана за настап на квалификацискиот натпревар за пласман на Африканското фудбалско првенство против Зеленортските острови кој ќе се игра на 8-ми септември.

Самуел Ето четири пати беше прогласуван за најдобар африкански фудбалер на годината, а во текот на својата досегашна кариера настапуваше за европските гиганти Барселона и Интер, а моментално е член на рускиот прволигаш Анжи од дагестанската престолнина Махачкала.

Преземени од Макфакс.

Пронајдете не на следниве мрежи: