Американскиот актер Џорџ Гејнс почина во 98. година од животот во својот дом, опкружен со семејството.Џорџ ќе остане запаметен како командантот Ерик Лесард од „Полициска академија“.
Малку е познато дека бил и талентиран оперски пејач. Во својата богата кариера имал околу стотина улоги на телевизија, како и 35 појавувања на филм, драми, музички комедии и опери.
Гејнс глумеше во сите седум филмови „Полициска академија“. Роден е во Хелсинки како Џорџ Јонгејанс. Неговата мајка била Русинка, а неговиот татко, Холанѓанец. Своето дестство го поминал во Франција, Англија и Швајцарија. Плановите да изгради кариера во операта му биле прекинати во Втората светска војна. По завршување на војната се преселил во Њујорк и се придружил на операта како фантастичен баритон. Сепак, сметал дека е подобар актер отколку пејач.
Тогаш своето презиме го променил во Гејнс и почнал да добива улоги. Актерот се пензионираше во 2003 година, а неговата последна улога беше во комедијата „Штотуку венчани“ со Ештон Качер и Британи Марфи. Зад себе ја остави сопругата, актерката Алин Ен Меклири, ќерката, внуката и двете правнуки. Тој го имаше и синот Метју кој загина во 1989 година во сообраќајна несреќа.



