Јубилејната, 20-та ЛШ стартува во вторник

Loading...

 

Во вторник ќе започне јубилејната, 20-та сезона, во најпрестижното клупско фудбалско натпреварување во светот, европската Лига на шампиони (ЛШ).

Сметајќи ги и натпреварувањата во поранешниот Куп на европски шампиони (КЕШ), 32 екипи од 17 земји, ќе тргнат во поход по 58-от трофеј во елитното натпреварување. 

Титулата, освоена минатата сезона, ќе ја брани премиерлигашот Челзи, кој во мајското финале, со победата над Баерн Минхен стигна до првиот трофеј во ЛШ. 

Екипата на Роберто ди Матео, во која сопственикот Роман Абрамович, во пресрет на новата сезона вложи околу 80 милиони фунти, се наоѓа пред речиси невозможна мисија, од причина што ниту еден тим не ја одбранил титулата во шампионската Лига. 

Милан е последниот тим кој го одбранил трофејот, но тоа се случи во КЕШ, во 1989 и 1990 година. 

Челзи, според педигрето и составот, се вбројува меѓу фаворитите за конечен триумф, но „сините“се ставени во „втората“ група на тимови на кои им се даваат шанси да стигнат до пехарот. Покрај Челзи во таа група се уште Баерн Минхен, актуелен вицепрвак, Јувентус, Пари Сен Жермен. 

Стручњаците како најголеми фаворити за титулата ги апострофираат неизбежните шпански великани Реал Мадрид (кралевите ја бркаат јубилејната 10-та титула), Барселона и градските ривали од Манчестер – Сити и Јунајтед. 

Поединечно, општа е согласноста дека и оваа сезона во ЛШ ќе мине во знакот на Лионел Меси и Кристијано Роналдо, Аргентинецот од Барселона минатата сезона ја заврши со 14 постигнати голови и сигурно ќе се обиде да ја надмине таа бројка, додека за Португалецот мотивот е уште поголем, тој се надева дека со евентуалниот триумф во елитното натпреварување конечно ќе стигне до „Златната топка“, која како по правило завршува кај некој од ривалите од Барселона. 

Македонскиот фудбал, во новата сезона во ЛШ нема да има ниту еден свој преставник, неколку сезони наназад таму настапуваше Горан Пандев, но Наполи, во минатата сезона не успеа да избори пласман во ова натпреварување, додека Горан Попов, во последен момент дресот на Динамо Киев го смени со оној на Стоук.

Натпреварите во Лигата на шампиони ќе стартуваат со дуелите од А-Д половината:

Група А:
Динамо Загреб-Порто
ПСЖ-Динамо Киев

Група Б:
Монпеље-Арсенал
Олимпијакос-Шалке

Група Ц:
Милан-Андерлехт
Малага-Зенит

Група Д:
Борусија Дортмунд-Ајакс
Реал Мадрид-Манчестер Сити. 

Фазата по групи ќе заврши на 6. декември, нокаут фазата ќе стартува со осмина финалните дуели на 12. февруари, а ќе заврши на 24. април. 

Финалниот меч ќе се одигра на 25. мај на „Вембли“ во Лондон.

 

Макфакс

loading...
Loading...