Михајловиќ: Доколку нé исвиркаат, нема повеќе да играме во Белград

 

Селекторот на фудбалската репрезентација на Србија, Синиша Михајловиќ, најави дека повеќе нема да игра во Белград, доколку и на следните мечеви биде исвиркувана од публиката.

Со ваков однос на навивачите, репрезентативците на Србија се соочуваа во последните две години, на сите натпревари што ги играа во Белград. 

Србија во првото коло од квалификациите за пласман на СП во Бразил, мечот против Велс го одигра во Нови Сад, кој мина во извонредна атмосфера и победа на Србите од 6:1. 

Токму поради тоа, во српската јавност се појавија информации дека националниот тим и следниот меч против Белгија (12-ти октомври) ќе го игра во Нови Сад. 

„Шансите се мали, Белгијците веќе резервираа хотел за себе, спонзорите и гостите. Ние немаше да бараме мечот да се игра на друго место, доколку не постои една мала група  луѓе која ги подгрева страстите, ги навредува дел од играчите и со своето однесување и’ нанесува штета на репрезентацијата. Тоа не се навивачи кои и посакуваат добро на репрезентацијата. Оваа Србија не е моја, ниту на Сојузот, ова е Србија која припаѓа на сите нас и за која мора да живееме и навиваме“, вели Михајловиќ во интервју за Спорт. 

Српскиот селектор го коментираше односот на навивачите кои и’ штетат на репрезентацијата. 

„Доколку повторно се слушнат навреди и свирежи, Србија повеќе нема да игра во Белград, барем додека сум јас селектор. Не сакам поради таквите „навивачи“ да трпат младите играчи, на кои тешко им паѓаат свирежите и лошата атмосфера“. 

Михајловиќ меѓудругото истакна дека системот на игра му е многу поважен од искуството на некои играчи и дека поради тоа не ги повикува најдобрите во репрезентацијата.

 

Макфакс

Извор: Спорт

Пронајдете не на следниве мрежи: