Писмо од Ајнштајн се продава за три милиони долари

Писмо што научникот Алберт Ајнштајн го напишал една година пред смртта во кое пишува за погледите кон религијата, ќе се најде на `eBay` овој месец, а почетна цена му е три милиони долари.

Писмото познато како `Божјо писмо` (God Letter) нуди поглед кон приватните мисли на Алберт Ајнштајн за религијата, Бог и трибализмот, пренесува Reuters.

„Ова писмо, според мое мислење е од историско и културно значење затоа што во него се наоѓаат личните и приватни мисли на Алберт Ајнштајн, еден од најбрилијантните умови на 20 век“, вели претседателот на аукциската агенција, Ерик Газин.

Ајнштајн го напишал писмото во Германија на 3 јануари 1954 година, а му било наменето на филозофот Ерик Гудкајнд, откако Ајнштајн ја прочитал неговата книга`Избери живот: Библиски повик на револт`.

„Зборот Бог за мене не е ништо повеќе од изразување и производ на човечката слабост, библијата е збир на почесни и примитивни легенди кои се прилично детинести„, напишал научникот, кој во 1921 година е награден со Нобелова награда за физика.

Анонимниот продавач на писмото, кое ќе се најде на аукцијата во оригиналното плико, марка и поштенски жиг, го купил на аукција во Лондон 2008 година, за 404.000 долари.

Од тогаш писмото е сместено во температурно-контролиран трезор во јавна институција.

Иако, почетната цена е три милиони долари, Газин вели дека очекува писмото да достигне двојно или тројно  поголема цена, на аукцијата која ќе трае од 8 до 18 октомври на сајтот www.einsteinletter.com.

„eBay има најширока можна публика во целиот свет, така што аукцијата ќе биде за сите“, вели тој.

Њујорк, 03.10.2012 (Макфакс)

 

Пронајдете не на следниве мрежи: