Меси и Роналдо се од друга планета

 

Тренерот на Реал Мадрид, Жозе Мурињо, по дербито со Барселона, изјави дека нерешениот резултат реално ги отсликува настаните на теренот.

„Резултатот е реален. мене ми се допадна судијата, имаше една голема грешка, но тоа на сите може да им се случи“, рече Мурињо кој особено ја истакна играта на Месут Езил. 

„Ни даде екстра квалитет, заврши фантастична работа. Го заменив поради тоа што беше уморен, не е навикнат толку да работи на теренот“, посочи Португалецот. 

Говорејќи за ривалството помеѓу Лео Меси и Кристијано Роналдо тој рече: „Треба да се забранат расправите на тема кој од нив двајца е подобар, тие се од друга планета. Би сакал тоа да биде Роналдо, бидејќи со клубот ја освои најзначајната лига во светот, но двајцата се исклучително добри“. 

Неговиот колега Тито Виланова, на прес конференцијата рече дека неговите играчи ја посакувале победата, но и дека нерешениот резултат е добар за тимот.

„Некој пред почетокот на сезоната да ни понудеше во овој период да имаме осум бодови предност пред Реал, веднаш ќе прифатевме. Секако дека сакавме да победиме, но не сакавме безглаво да јуришаме. Беше ова меч со многу прекини, немав на располагање ниту еден вистински стопер и го ценам трудот кој го вложија играчите кои ги заменија“, рече Виланова. 

Како и Мурињо и тренерот на Барселона ја искоментира играта на Меси и Роналдо. 

„Меси е млад, не знам кои се неговите граници. Треба да видите како тренира, колку е посветен, колку сака да напредува. Мислам дека повеќе нема да видиме таков играч. Тој е најдобриот на светот и Роналдо е фантастичен фудбалер, да го нема Лео можеби тој ќе добиеше повеќе признанија“, рече Виланова.

 

Макфакс

извор: marca.com

Пронајдете не на следниве мрежи: