Михајловиќ сé уште верува во пласман на СП, српските медиуми бараат оставка

Loading...

 

Фудбалската репрезентација на Србија во само пет дена доживеа два поразa со кои драстично ги намали своите шанси за пласман на Светското првенство во 2014 година.

По поразот на домашен терен од Белгија, Србија во вторникот навечер беше надиграна и поразена од Македонија. Агим Ибраими со својот втор гол на последните две средби и’ ја донесе првата победа на Македонија во овој квалификациски циклус. 

„Знаевме дека нé очекува тежок натпревар и дека екипата која прва ќе постигне гол ќе биде поблиску до победата. Ни се случи исклучувањето на Томовиќ, по што Македонија од пенал поведе. Момците до крајот, со играч помалку, се обидоа да израмнат, но Тадиќ и Фејса не ги искористија шансите“, рече на прес-конференцијата по мечот селекторот на Србија,  Синиша Михајловиќ. 

Српскиот селектор рече дека негова била одлуката Томовиќ да започне како десен бек, место на кое игра капитенот Ивановиќ. Според него, Ивановиќ бил премногу офанзивен, а него му бил потребен играч во дефанзивата, а сакал и со таква шок терапија да го раздвижи тимот. 

„Во фудбалот се случуваат грешки, секој може да згреши. Томовиќ до моментот кога го направи пеналот играше добро, ништо не му забележувам, секој може да погреши“, рече Михајловиќ. 

Селекторот на Србија се наоѓа под жестоки критики од медиумите во оваа земја, многумина бараат негова оставка и го нарекуваат „резилот на Србија“. Според истите извори, изостанувањето од стартниот состав го натерало Ивановиќ да се повлече од репрезентацијата сé додека  нејзин предводник е Синиша Михајловиќ. 

Стратегот на репрезентацијата на нашиот северен сосед сé уште се надева дека неговиот тим може да освои една од првите две позиции во А групата. 

„Разликата во бодови е голема, но до крајот на квалификациите има уште шест натпревари. Ќе се подготвуваме да одиме чекор по чекор, натпревар по натпревар. Во март играме со Хрватска и Шкотска, но дотогаш има многу време“. 

На табелата во А групата водат Белгија и Хрватска со по 10 бодови, Македонија и Србија имаат по четири, следуваат Велс и Шкотска со три односно два бода.

 

Макфакс

извор: макфакс

loading...
Loading...