5 нешта што среќните парови ги прават пред да си легнат

Тие неколку часови пред спиење се многу важни за секој пар.
Што правите вие и вашиот партнер пред спиење? Ги миете забите и лицето, а потоа се вовлекувате под ќебето и гледајте стари епизоди од некоја серија додека не заспиете?
Можеби ги довршувате работните обврски во кревет и заспивате пред екранот полн со табеларни пресметки, затоа што единствено тогаш имате време да ги довршите работните обврски – на крајот на краиштата, немате време затоа што вечерта е исполнета со обврски од типот: капење на децата, приказни за добра ноќ и подготовки за следниот ден. Затоа се случува и да задремете.
5 ноќни рутини кои што ги имаат среќните парови пред да си легнат
Но, за родителите, самото време што го поминуваат заедно и разговорите што не се однесуваат на децата се ретка можност. Откако еден пар ќе ги однесе децата во кревет, тој има најмалку еден или два часа непрекинато време кое може да си го посветат еден на друг.
За жал, сите имаме тенденција да го трошиме тоа време на гледање телевизија или „скролање“ на телефоните. Но, тоа му нанесува голема штета на бракот.


На сите ни треба време за да се одмориме од дневните обврски. Но, времето пред спиење е клучно за партнерите. Поради нашите зафатени животи, ова е честопати единствената можност кога паровите може да се поврзат меѓусебно.
Таа можност е од суштинско значење за здравјето на врската – на сите ни треба време кога ќе се почувствуваме како пар, а на родителите особено. Затоа е важно ова време да се искористи максимално.
Еве што прават најсреќните парови кога ќе дојде времето за спиење. Во продолжение прочитајте неколку нешта што треба да ги имате предвид.
1. Тие намерно одвојуваат време за да се поврзат меѓусебно
Наместо само да легнат во креветот и да го вклучат телевизорот, најсреќните парови одвојуваат 10 минути пред одење во кревет за да поразговараат и да ги споделат своите доживувања од денот што изминал. Важно е парот да најде простор да го стори тоа без присуство на децата.
Резултат: постојан разговор што гарантира дека и двајцата партнери се на истата „фреквенција“ и кој помага да се спречат недоразбирањата.
2. Парот остварува физички контакт
Да, може да биде секс. Но, тоа не мора секогаш да биде секс. Може да практикувате повеќе од една форма на интимност. На паровите понекогаш им треба и само лежење еден покрај друг.
Времето пред спиење е време за поврзување, затоа, релаксирајте се со масажа, почешајте си ги грбовите, пошегувајте се. Да се ​​зборува за изминатиот ден е прекрасно, но тоа не е време и за решавање на проблеми, затоа не споделувајте детали од работниот ден.
3. Партнерите си легнуваат во исто време (кога е тоа можно)
Голем број парови имаат различно време за легнување, при што едниот или другиот останува до подоцна да гледа телевизија, да заврши нешто или да сработи неколку задачи од минатиот работен ден. Како и да е, поминувањето засебни ноќни часови доведува до поголемо оддалечување и чувството дека секој од партнерите живее засебен живот. Среќните парови водат сметка за тоа заедно да одат во кревет колку што е можно почесто.
Паровите треба да се обидат да си легнуваат заедно најмалку трипати неделно. И тоа не значи дека треба да се довлечкаат до креветот по преспивањето на каучот во дневната соба, туку, всушност, заедно да заспијат.
4. Среќните парови не „висат“ на своите телефони
Телефоните, социјалните медиуми, игрите и апликациите што тие ги содржат во основа се „допамински слот-машини“, дизајнирани да нè мотивираат да кликаме „лајкови“, да коментираме, постојано да ја проверуваме нашата е-пошта и да објавуваме различни нешта. Но, има една главна работа од која тие нè оддалечуваат? Од нашите сакани. Од вистинските меѓучовечки односи.
Упадот на технологијата е најочигледен во спалната соба. Во совршениот свет, телефоните и уредите никогаш не би го преминале прагот на спалната соба, но тогаш не би ни постоеле.
Наместо тоа, обидете се да имате пореален пристап и воведете правило „без користење телефони по девет часот“ за да се дистанцирате од нивната употреба.
5. Паровите кои се среќни поставуваат граници со децата
Преголемото внимание кон децата е „стапица“ во која може лесно да паднете. Не ги ставајте децата пред вашата врска со партнерот затоа што без силен брак и љубов, децата нема да бидат одгледани правилно.
Со други зборови, така си правите лоша услуга. Секако дека постојат моменти кога децата треба да бидат во вашата спална соба (кога имаат кошмари, кога се болни, или кога има грмотевици), но, експертите се согласуваат дека спалната соба треба да се третира како „свето место“ на паровите. Поминете ги вечерите со своите деца, а потоа испратете ги во нивните кревети. Нека вашата поврзаност биде пример на кој ќе се огледуваат и вашите деца кога ќе пораснат.

Повеќе текстови на оваа и слични теми

прочитајте на ПУЛС24 тука!!!

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.