Старото спортско правило претскажува победа на Ромни

Доколку му се верува на старото американско спортско правило „Правилото Редскинс“ (Redskins Rule), кое никогаш не го изневерило своите приврзаници цели 72 години, годинава на американските претседателски избори треба да победи кандидатот на републиканците, Мит Ромни, пишува во понеделникот, The New York Daily News.

Во завршениот доцна вечерта во неделата натпревар од професионалната лига во американски фудбал (NFL), вашингтонскиот тим Washington Redskins со голема разлика од 13:21 загуби од тимот на Carolina Panthers. Според нашироко познатото и прифатено правило во САД, доколку Redskins победат во последниот натпревар одигран пред одржувањето на изборите, на претседателските избори ќе победи кандидатот на партијата која добила најмногу гласови на претходните избори.

Така, бидејќи Redskins загубија, победникот е партијата којашто изминатите четири години беше во малцинство. Така, овој знак предвидува победа Мит Ромни на претседателските избори во вторник, 6-ти ноември.

Доколку старата симболика навистина се оствари, весникот The New York Daily News му препорачува на Ромни, како претседател „да му испрати на секој играч од фудбалскиот тим на ’пантерите од Каролина’ благодарност за нивната победа над ’црвенокошците’“.

Ова правило без исклучок функционира во  САД од 1940 година на сите досега одржани 18 претседателски избори , вклучувајќи го и победничкото „претскажување“ во полза на Барак Обама пред четири години.

Сепак, во врска со ова „правило“ има едно мало отклонување, односно дека станува збор за вкупното мнозинство гласови, а не за „електорските“ гласови според коишто се утврдува победникот на изборите. Така, на изборите во 2000 година точно во согласност со „пророштвото“ според играта на Redskins, мнозинството гласови на изборите беше во полза на кандидатот на демократите Ал Гор, но според електорските гласови и одлуката на Врховниот суд на САД, изборната победа му припадна на републиканецот Џорџ Буш.

Во американскиот посреден изборен систем, претседателот и потпретседателот официјални ги избира електорски колегиум кој има 538 членови, а секоја од 50-те сојузни држави во него партиципира сразмерно со бројот на жителите. На победникот на изборите на ниво на држава, му припаѓаат сите нејзини електорски гласови, со исклучок во двете држави каде што тие се делат сразмерно на бројот на освоените гласови.

Според истражувањето на телевизиската мрежа CNN, кандидатите за американски претседател, актуелниот претседател Барак Обама и поранешниот гувернер од Масачусетс, Мит Ромни еден ден пред изборите уживаат иста доверба кај гласачите. Сепак, според анкетите на водечките институти за истражување на јавното мнение во САД, Обама води во таканаречените „неопределени“ држави. Со различна маргина на предност тој е пред Ромни во Охајо, Флорида, Вирџинија, Ајова, Колорадо, Мичиген, Невада и Њу Хемпшир.

Според резултатите од истражувањето, за Ромни и за Обама подготвени се да гласаат по 49 отсто од потенцијалните гласачи. Притоа, 52 проценти од испитаниците изјавиле дека со симпатии гледаат на Обама, 51 отсто на Ромни, додека 51 отсто се согласуваат со Обама за клучните прашања, а 50 отсто со Ромни. Статистичките маргина на грешката од анкетата е 3,5 процентни поени.
Истражувањето било спроведено од 2-ри до 4-ти ноември, а на прашањата одговарале  1.010 возрасни Американци, од коишто 918 регистрирани гласачи.

И другите анкети го даваат приближно истиот резултат. Според анкетата на магазинот Politico, за Обама и Ромни се подготвени да гласаат по 48 отсто од гласачите, анкетата на NBC News покажува дека Обама ќе го поддржат 48 проценти, додека Ромни – 47 отсто, во истражувањето на ABC News Обама има поддршка од 49, а Ромни 48 отсто. Само во истражувањето на агенцијата Pew Research разликата меѓу кандидатите е три процентни поена, и тоа 50 отсто за Обама, наспроти 47 проценти за Ромни, меѓутоа и во овој случај маргината на можната статистичка грешка се движи во вообичаените рамки.

Всушност, подеднаквите шанси за победа на двајцата кандидати говори дека не е исклучена ситуацијата во којашто победникот на американските претседателски избори нема да биде дефиниран извесно време по изборите до дефинитивното пребројување на гласовите.

Пронајдете не на следниве мрежи: