Оставка на директорот на ЦИА поради љубовна афера

Loading...

Дејвид Петреус, директорот на американската разузнавачка агенција ЦИА поднесе оставка, поради вонбрачна љубовна врска, јавија американските медиуми.

За сега, неговата функција ќе ја извршува неговиот заменик, Мајкл Морел, како шеф на ЦИА, најави директорот на Националното разузнавање Џејмс Клапер.
Петреус писмено ја испратил оставката до претседателот на САД Барак Обама, кој во петокот ја прифати.
„Со оставката на Петерус нашата земја ќе загуби еден од најпочитуваните државни службеници“ рече Клапер, без да ја потврди причината за ваквиот чин“.
Во соопштение до вработените во ЦИА, Петреус нагласил дека се повлекува бидејќи има вонбрачна љубовна врска.
„По 37 години брак започнав вонбрачна врска. Вакво однесување е неприфатливо и за сопруг и за раководител на организација како нашата“, наведува Петреус во соопштението.
Врската на Петреус била со Паула Бродвел, која е автор на биографска книга за генералот, кој стана познат по командата над американските сили во Ирак.
Федералното биро за истраги ФБИ вчера најави дека води истрага против Бродвел поради нејзините обиди да пристапи до доверливи информации за време на нејзината врска со генералот Петреус, додека генералот не е под истрага.
Се уште е рано да се утврди дали против Бродвел ќе биде покренато кривично обвинение.
И Петреус и Бродвел се во брак, со по две деца. Генералот Петреус беше споменуван како можен претседателски кандидат на Републиканската партија, или како потпретседателски кандидат и кандидат за секретар за одбрана, во случај Републиканците да ја освојат Белата куќа.
Вашингтон е шокиран од оставката на Петреус, која доаѓа на само неколку дена пред предвиденото сведочење на генералот Петреус пред Комисијата на Сенатот за надзор над разузнавачките служби, на која главна тема треба да биде нападот врз американскиот конзулат во Бенгази, Либија, во кој беа убиени амбасадорот Кристофер Стивенс, дипломат и двајца офицери од обезбедувањето на мисијата на ЦИА.
Тоа што оставката доаѓа непосредно пред очекуваното сведочење на Петреус предизвикува најмногу контроверзи.
Се предвидува Морел да сведочи наместо Петреус, иако се очекува републиканските сенатори да бараат да се најде начин да се обезбеди сведочење и на Петреус, како раководител со ЦИА во време на нападот.
Повлекувањето на генералот Петреус доаѓа по смената на генералот Картер Хам од функцијата командант на африканската команда на Армијата на САД кој беше сменет од функцијата набргу откако изјави дека за време на нападот врз конзулатот во Бенгази, САД имале вооружени сили на располагање, но не била дадена наредба тие да бидат употребени.
Контраверзите за американската реакција на нападот во Бенгази беа поради првичното инсистирање на Белата куќа и на Стејт департментот дека се работи за протести испровоцирани од објавувањето на навредлив филм, за дури потоа да се признае дека конзулатот бил цел на планиран и организиран напад на терористи.
Републиканските конгресмени бараа повеќе информации за однесувањето на Белата куќа, Стејт департментот, ЦИА и армијата на САД.
При тоа беше утврдено дека САД имале беспилотни летала, но и тешко вооружен авион над Бенгази, како и специјални единици кои можеле да реагираат во конзулатот, но не била дадена наредба за нивна употреба.
Секретарот за одбрана Леон Панета изјави дека не биле достапни доволно информации за да се издаде наредба за акција.
Офицерите за обезбедување во просториите на ЦИА, во Бенгази, во близина на конзулатот, биле првите што тргнале во помош на нападнатиот амбасадор и неговиот персонал, наводно спротивставувајќи се на наредба да не реагираат.
Двајца од нив, Тајрон Вудс и Глен Доерти, беа убиени во борба со напаѓачите, кои по палењето на конзулатот го нападнале и објектот на ЦИА.
Авторот на навредливиот филм „Невиноста на муслиманите“, американскиот Копт Накула Бисли Накула, беше осуден на една година затвор поради прекршување на правилата на условното пуштање на слобода за постаро кривично дело.
Макфакс

Погледнете ги следниве статии

Жртвите во аферата со прислушувањето бараат дисциплинирање на весниците

Афера WikiLeaks: Менинг сака да се изјасни за вината

Оставка на шефот на обезбедувањето на чешкиот претседател поради нападот со пластичен пиштол

loading...
Loading...