Почна отворањето на мавзолејот на Арафат

Loading...

Во вторникот почнаа работите на отворањето на мавзолејот на починатиот палестински водач Јасер Арафат за да биде ексхумирано неговото тело во рамките на истрагата за наводното негово труење со радиоактивна материја, јави AFP повикувајќи се на извор близок до семејството Арафат.

Претходно палестинските власти ги забранија посетите на мавзолејот на Јасер Арафат во Рамалах, во палестинската енклава на Западниот брег од брегот на реката Јордан, поради започнување на подготовките за ексхумација на неговите посмртни останки за утврдување на точната причина за смртта. По отворањето на гробницата, коешто според локалните медиуми е планирано за 26-ти ноември, Палестинците се подготвени да им дозволат на експертите од Швајцарија, Франција и Русија да започнат со експертизата.
„Денес (работниците) почнаа да го отвораат цементниот под и да ги отстрануваат камењата од мавзолејот на Арафат, а работата ќе продолжи најмалку 15 дена“, го цитира агенцијата својот извор.
Јасер Арафат, лидерот на Палестинската ослободителна организација (PLO), беше основач и прв претседател на Палестинската национална администрација, ја доби Нобеловата награда за неговата улога во мировните преговори со Израел.
Јасер Арафат во октомври 2004 година од разурнатото седиште во Рамалах поради нагло влошување на неговото здравје беше префрлен во Франција. Тој во Рамалах две ипол години беше во своевидно заточеништво на Израел.
Еден месец подоцна Арафат почина во една париска воена болница, а сомневањата дека нешто не било во ред се појавија многу бргу по неговата смрт, бидејќи неговите лекари не можеа точно да ја востановат точната причина за неговата смрт.
Сопругата Суха и 17-годишната ќерка на Арафат, Захва, пред судот во париското предградие Нантиер во јуни 2012 година поднесоа тужба против непознат сторител за убиство со предумисла. „Изненадена сум што суверена земја како што е Франција, не ја знае причината за смртта на еден шеф на држава кој е лекуван во француска болница”, изјави тогаш Суха Арафат за парискиот дневен весник Le Figaro.
Тужбата беше поднесена откако швајцарскиот Институт за радијациска физика во Лозана, Швајцарија на облеката што ја носел Арафат најде необично високо ниво на полониум 210. Швајцарскиот институт соопшти дека сомнежите дали Арафат бил отруен не може да се потврдат или демантираат без да се анализираат и посмртните остатоци на Арафат.
Поради тоа претседателот на Палестина, Махмуд Абас одобри на 9-ти јули 2012 година, ексхумација на посмртните остатоци на неговиот претходник, со цел да се утврди дали тој бил отруен, потпишувајќи го одобрението за ексхумација побарано од Суха Арафат и ги повика швајцарските експерти да извршат аутопсија врз остатоците на Јасер Арафат.
Суха Арафат ја побара ексхумација на телото на својот сопруг, откако телевизиската мрежа Al Jazeera обелодени докази за траги од радиоактивен полониум 210 на облеката што ја носел во последните денови од својот живот.
Истрагата претставена во документарниот филм „Што го уби Арафат?” која беше емитувана на почетокот од јули годинава на мрежата на Al Jazeera обелоденува детали околу смртта на Арафат, по мистериозната болест што ја доби во 2004 година.

Филмот открива дека примероците земени од неговите лични предмети, како на пример четката за заби, капата и долната облека, содржат високо ниво на полониум 210, радиоактивна супстанца која може да се создаде само во нуклеарен реактор.

Макфакс

 

 

loading...
Loading...