Порто – дестинација која не смеете да ја пропуштите

Оваа статија бездруго е посветена за оние ‘’грешници’’ кои земјата до Атлантикот најчесто ја поврзуваат со Лисабон, Кристиано Роналдо и егзотичниот португалски јазик. Откако ќе го посетите Порто сфаќате дека долго време сте биле во заблуда. 

Борхес и Маркез во своите дела извајаа еден посебен свет кој по дефиниција го толкуваа како магичен реализам и со кој дефинитивно најдобро може да се опише градот на мостовите и на неодоливото вино. Стигнувајќи до оваа дестинација, која и покрај тоа што се чини како крај на светот поради својата местоположба, веднаш сте обземени од фактот дека во вашата животна приказна ќе запишете ново откритие неспоредливо со оние претходните. Уникатноста и оригиналноста го прават Порто посебен, футуристички, на моменти и нереален. Толку многу стилови и градби сместени на едно место а сето тоа делува толку едноставно.

Порто е далеку од тенденциите карактеристични за 21 век, во умерена граница го прати модернизмот за притоа да не забега во погрешна насока. Од една страна го имате јавниот превоз претставен преку одлично организираната метро линија која ги поврзува двата дела на градот Порто и Гаиа а од друга страна пред вас никнуваат архитектонски чуда од средновековието преку барокот па се до ненадминливиот неокласицизам. За естетски да изгледа беспрекорно, улиците на Порто се вистински удолници и угорници, и можеби на моменти се непрактични но во секој случај брзо се навикнуваш и чекорот по калдрмата ти годи. Историскиот дел од градот е претставен како изобилство од катедрали, цркви, кули и градби пред кои во неколку часа би ја истрошиле целата мемориска картичка. Меѓу најатрактивните места кои едноставно мораат да се видат во Порто се секако кулата Дос Клеригош, собранието Пасуш ду Консељу, железничката станица Сау Бенту и уште безброј други. Вечерната прошетка покрај реката Доуро е задолжителен чин во ова патешествие. 

Несомнено Порто е град кој нуди и повеќе отколку што очекувате. Не можете да го напуштите без да се сретнете со Атланскиот океан, без да бидете освоени од музејот Сералвеш и Каза да Музика. Крстарењето под мостовите по реката Доуро и дегустацијата на португалските вина се уште дел од моментите кои долго ќе ги прераскажувате. За сите страствени љубители на романите за Хари Потер тука е книжарницата Лелуш, која се смета за една од инспиративните точки на Џ.К.Роулинг за настанокот на делата за Хари Потер. Магијата која те понесува уште при самото влегување еруптира при средбата со дрвените скали во несекојдневни облици. Преминувајќи го мостот Дом Луиш, изграден во стилот на Ајфеловата кула, стигнувате до другиот дел од градот Вила Нова де Гаиа каде што се сместени десетици винарии во кои се произведува едно од најквалитетните вина во Европа.

Вечерните часови во овој втор по големина град во Португалија се налик на заборавени сцени од времето на романтизмот. Порто е град на различности, на естетски вредности споени во едно. Колку повеќе го откриваш, толку повеќе се заљубуваш во него. Разделбата од сите овие волшебни глетки е несомнено најтешкиот дел од целата авантура. Напуштањето на Порто се претвора во ветување за повторна средба со градот кој мирно плови по брановите на бесконечноста. 

 

Поврзани статии:

Зошто мора да го посетите Амстердам?

 

Сицилија – најголемиот остров во Медитеранот

 

Дубаи – градот на иднината

 

Пронајдете не на следниве мрежи: