Фетел или Алонсо, кој ќе биде новиот првак во Ф1

Претпоследната трка во шампионатот на Формула 1, која во неделата премиерно се возеше на новата патека во Остин, Тексас, донесе победа на Луис Хамилтон, но ја пролонгира одлуката околу новиот шампион.

Во пресрет на завршната трка во сезоната, трката за Големата награда на Бразил, која ќе се вози на патеката Интерлагос крај Сао Паоло, актуелниот првак Себастијан Фетел има 13 бодови предност во однос на Фернандо Алонсо.
Германецот, според сето она што е видено во финишот на сезоната, односно перформансите што ги покажува во однос на конкурентот од Ферари, во последната трка ќе влезе како голем фаворит за одбрана на титулата.
За да стигне до третата последователна титула, на Фетел ќе му биде потребно да мине низ целта пред својот ривал, спротивно – Алонсо ќе зависи исклучително од резултатот на Германецот.
Шпанецот до својата трета титула, прва по 2006 година може да стигне доколку победи во Бразил, а Фетел биде петтопласиран. Доколку Шпанецот биде втор, возачот на Ред Бул не смее да биде подобро пласиран од осмата позиција. Во случај возачот на Ферари да го освои третото место, тогаш Фетел не смее да биде меѓу освојувачите на бодови, или може да освои само еден бод.
Она што не му оди во прилог на Алонсо, е тоа што Ред Бул во последните три сезони, доминира на Интерлагос, еднаш победил Фетел, а двапати Марк Вебер. Алонсо двете свои титули, во 2005 и 2006 година, ги освоил на Интерлагос, но Шпанецот нема победа на оваа патека.
Вљубениците во Формула 1 посакуваат во Бразил да се повтори трката од пред четири години, кога Луис Хамилтон, буквално во последниот свиок, ја освои титулата пред Фелипе Маса. Формула 1 викендот во Бразил ќе стартува во петок со слободните тренинзи, кои се закажани во 13 и 17 часот по средноевропско време.

Последниот слободен тренинг ќе се вози во сабота од 14 часот, а квалификациите се закажани три часа подоцна. Последната трка во сезоната, Големата награда ќе се вози во недела од 17 часот по средноевропско време.

Макфакс

 

Пронајдете не на следниве мрежи: