Роберто Ди Матео, повеќе не е тренер на Челзи, објави британскиот сервис ‘BBC’ на својата интернет страница.
Менаџерот кој пред шест месеци, на клупата го замени Андре Виљас-Боаш, го доведе Челзи на чекор до елиминација во Лигата на шампиони.
„Клубот во најкус можен рок ќе објави кој ќе биде нов тренер. Последните настапи на екипата и резултатите не беа доволно добри, па поради тоа сопственикот и Управниот одбор решија дека е потребна промена“, стои во соопштението кои го објави Челзи.
Ди Матео, во шест месеци го мина патот од ‘полковник до покојник’, кога го наследи Виљас-Боаш, најпрвин ја освои титулата во ФА купот, а потоа во Минхен стигна и до највредната титула, за која сонува секој тренер, во Лигата на шампиони.
Челзи се наоѓа на работ од амбисот во шампионската лига и е на добар пат да стане првиот бранител на трофејот кој не ја минал фазата по групи.
‘Сините’ на Роман Абрамович, во последните шест недели играат во исклучително лоша форма, во првенството на последните четири натпревари освоија само два бода, во Лигата на шампиони забележаа два порази од Шахтјор и Јувентус, единствено ги победија Манчестер Јунајтед во Лига купот и Шахтјор во Лигата на шампиони со среќниот гол на Мосес во последните секунди.
Како најсериозен наследник на Ди Матео се споменува, Рафаел Бенитез, поранешниот тренер на Валенсија, Ливерпул и Интер е без работа уште од есента во 2010 година, кога беше отпуштен од Интер.
Англиските медиуми шпекулираат дека Бенитез би го предводел Челзи до крајот на сезоната и би го подготвил теренот за доаѓањето на Пеп Гвардиола.
Макфакс
Пронајдете не на следниве мрежи: