Адис Јаховиќ за „Пулс24“: Чеде сака од сите нас репрезентативци да направи едно „СЕМЕЈСТВО“

Интервју на новиот репрезентативец Адис Јаховиќ за „Пулс24“ каде упатува голема благодарност до селекторот Јаневски за кого вели дека од сите репрезентативци сака да направи едно „СЕМЕЈСТВО“, меѓудругото, Јаховиќ за „Пулс24“ потенцира дека верува во оваа репрезентација дека може да се замеша во врвот на табелата и дека очекува победа на дуелот со Белгија.

Пулс24: Еден гол, една статива и една асистенција беше твојот учинок на средбата со Словенија, на твојот дебитантски настап за Македонија, што очекуваш од себе да постигнеш за Македонија?

Адис Јаховиќ: Најпрво да кажам дека сум пресреќен што победивме против Словенија, учинокот не беше лош, тоа е прв натпревар за мене и уште не сум уигран со соиграчите. Во продолжение кога полека ќе се уиграм со нив тогаш ќе биде она што го посакувам, тоа е да сме како едно семејство, да оствариме добри резултати и добра завршница со голови.

Пулс24: Македонија-Белгија на програмата во март, според тебе, имаме ли реални шанси за победа, мошне важен натпревар каде со победа и те како ќе се вметнеме во борбата за врвот од табелата, што ни треба за тој дуел со силната Белгија?

Адис Јаховиќ: Топка е, според мене, се може да се случи, според мене за мечот против Белгија само победа доаѓа во предвид, а на гостински терен за 4 дена може и нерешено, и со нерешен резултат би бил задоволен, само да немаме пораз.

Пулс24: Според тебе, какви се шансите за Македонија во овој квалификациски циклус?

Адис Јаховиќ: Доколку оствариме победа на домашен терен против Белгија и автоматски ќе се приклучиме во врвот на табелата и некако сум сигурен во тоа.

Пулс24: Твоето мислење за селекторот Чеде Јаневски?

Адис Јаховиќ: Сакам јавно да му се заблагодарам на тренерот Чеде Јаневски и секако на ФФМ што добив повик за репрезентацијата, што ми дадоа шанса да покажам дека можам да бидам од помош за репрезентацијата. Тренерот искрено не го познавам доволно, но оние 3-4 дена што ги поминав со него и репрезентацијата едноставно немам ниту една замерка. Најмногу што ми се допадна кај него е тоа што од сите нас репрезентативци сака да направи едно „СЕМЕЈСТВО“, едноставно сите заедно да дадеме максимум на терен и да освојуваме бодови. Мислам дека Чеде некако и даде крилја на репрезентацијава да остваруваме добри резултати, уште еднаш јавна благодарност за повикот и за шансата која ми е дадена во репрезентацијата.

Пулс24: Со кого имаше најдобра соработка во нашата селекција на првиот меч, а воедно и пред мечот, на тренинзите и слично?

Адис Јаховиќ: За соработка искрено неможам да одвојам ниту еден играч, бидејќи ние сме една екипа која сите заедно соработуваме благодарение на тренерот кој го створил тоа во репрезентацијата.

Пулс24: Освен твоето одлично деби, кој според тебе одигра на нивото на мечот со Словенија, кој ти остави добар впечаток во играта?

Адис Јаховиќ: Покрај мојата игра која беше солидна, мислам дека може уште да се даде сила за подобри игри, мислам на себе секако, а впечаток ми оставија сите 11 во репрезентацијата, кога сите 11 и оние на купата заедно со тренерот го дадат својот максимум на теренот и играат со срце за својата држава мислам дека никој ништо не ни може.

Пулс24: Како е на клубски план, со оглед на фактот што на четири натпревари имаш постигнато еден гол за Цирих, а во нападот преовладува страшно добра конкуренција?

Адис Јаховиќ: Во 3 натпревари плус купот тоа се 4 натпревари, постигнав 2 гола, сигурно имам добра конкуренција, но, и јас тоа и го сакам бидејќи ми дава поголем повод за да работам повеќе и секако повеќе да напредувам за да станам еден голем врвен играч, сигурен сум дека еден ден тоа ќе се оствари.

На крајот од интервјуто Адис Јаховиќ упати голем поздрав до сите Македонци во Македонија и во светот, до сите љубители на фудбалот во Македонија, до сите што му дадоа голема поддршка.

Зборовите на Адис Јаховиќ се сосема јасни, Чеде Јаневски сака од селекцијата да направи како едно „СЕМЕЈСТВО“, нешто за што и порталот „Пулс24“ го потенцираше во своите анализи, податок кој ни дава надеж дека оваа селекција може да се носи со големи противници како Хрватска, Србија, Шкотка… дуелот со Белгија го очекуваме со одлична атмосфера во тимот, а Адис Јаховиќ потврди дека нашата селекција има сили да се надигрува со силна селекција како Белгија.

Фото: „НоваМакедонија“

Пронајдете не на следниве мрежи: