Навивачите на Сити му ја раскрвавија главата на Фердинанд, двајца приведени

Манчестерската полиција приведе двајца навивачи на Сити, по големото градско дерби во која Јунајтед славеше како гостин со 3:2, но сѐ уште не е пронајден навивачот кој му ја раскрвави главата на Рио Фердинанд.

Бекот на Манчестер јунајтед, Рио Фердинанд, е погоден, како што се претпоставува, со паричка во аркадата во моментот кога го прославуваше победеносниот гол на својот соиграч Робин ван Перси во судиското надополнување на натпреварот. Медицинската екипа на Јунајтед интервенираше веднаш на теренот и го сопре крвавењето на главата на Фердинанд.
Еден од навивачите на домашниот Манчестер Сири е приведен поради втрчување на теренот со намера да го нападне Фердинанд, додека друг заврши во притвор поради расистички навреди.
„Разочаран сум од однесувањето на навивачите на Сити. Жално е што навивач на домашниот тим втрча на теренот и дека од трибините летаат разни предмети. Слично се случуваше и на Стамфорд Бриџ кога му гостувавме на Челзи. Меѓутоа, сега сакам да размислувам за тоа бидејќи остваривме важна победа“, изјави по мечот менаџерот на „црвените ѓаволи“, сер Алекс Фергусон.
Раководството на Сити веднаш му се извини на Фердинанд поради однесувањето на навивачите. „Му се извинуваме на Фердинанд. Се надеваме дека полицијата ќе го открие сторителот и ќе го казни“, порачаа од таборот на манчестерските „граѓани“.
Раководство на Англиската фудбалска сојуз FA најави покренување истрага и може да се очекува казна за Сити.
Инаку во дербито од 16-то коло на англиското фудбалско првенство, Манчестер јунајтед извојува значајна победа над Манчестер Сити со 3:2 (2:0), во драматичен дуел на минатогодишниот шампион и вицешампион. Јунајтед дојде до победата со голот на ван Перси од слободен удар во втората минута од судиското продолжение. Јунајтед во првото полувреме поведе со 2:0 со головите на Вејн Руни во 16 и 29 минута со што стигна до бројката од 150 голови во англиската Премиер лига.
Дуелот стана драматичен откако Сити во второто полувреме притисна и успеа да изедначи преку Јаја Туре во 60 и Пабло Забалета во 86 минута. И кога се чинеше дека мечот ќе заврши без победник, ван Перси му донесе важни три бода на својот клуб.
Со победата Јунајтед избега на шест бодови предност пред Сити, односно односот на бодови е 39 наспроти 33 во полза на „црвените ѓаволи“. На трето место заостанува Челзи со 29 бодови.

Макфакс

Пронајдете не на следниве мрежи: