Што напиша Јанко – Јади бурек, за новиот театар?!

Во еден неврзан разговор со некои колеги новинари, кога говоревме за театарот, спомнав дека секако ќе одам да ја гледам претставата Вечната Куќа со која требаше да се отвори новиот објект на Македонскиот Народен Театар. Нејсе, некој ден потоа добив покана да дојдам на претставата во саботата.Како што тоа обично бива, си врзав сосема погрешно во глава,  после гостувањетона Тони Михајловски во мојата емисија каде говореше на долго и широко за претставата која се подготвува, дека ова денес е втор ден по премиерата. Убеден дека главната фешта била во петокот, поточно премиерата, се запативме со сопругата онака, тотално опуштени кон новиот објект. И се погледнавме бело кога видовме пред нас камери и црвен тепих. Првин помислив да не е ова затоа што беа најаваени 4 последувателни премиери, но кога ги видов од протоколот и лидерите на земјата, стана јасно дека нема ништо од лефтерни муабети и опуштена атмосвера. Но, тоа е помалку важно, се гризнав за усна затоа што ваквата публика не е театараска и многу тешко реагираат и имаат интеракција со она на сцената. Сепак, ме расположи малото шарено маче кое се грееше на самиот црвен тапих под толината на рефлекторите, баш убав миг беше, и секако, не издржав и го изгалив.

Зборот импресија и импресиониранот во овој текст ќе го употребам многу пати не само како сувопарна репетитвност туку како насушна потреба да доловам впечатокот на она што го видов и доживеав а јазикот нема неограничен број на суперлативи и прридавки за убаво, толку изнедриле нашите предци, како одраз на тоа каков и животот им бил, нејсе.

 
Прво што ќе забележите, а и сте виделе на фотографии наоколу, импресионираше ентериерот, кој во онолкав калабалак од луѓе обично и нема да се види. Додека разните фаци – секој со секого се поздравува во оние “смал-ток” кој треба да делува како секојдневица – “кај си бем како си да се видиме”, а потоа што подалеку едни од други во блејд ранер релации  и андридни реченици ентериерот навистина остава силен впечаток, и не на невкус, туку на токму фунцкионалност во својата нападна раскошност. Зидовите, таваниците ,кои претходно ги видов на слика, делуваа преубаво, иако не се сомневамо дека некој познвач бе рекол многу спортивности, но мене како на конзумент, овој позлатено-црвен рококо сосема добро, па и повеќе, ми се совпаѓа со местото, некако си прилегаат и остава пријатен впечаток. Единствено, миризбата од средствата за чистење кои ги почувствував уште дента кога отидов по билетите остана, ако тоа може да биде единствената замерка, но да се разбереме, јас имам едно супер сетило – носот или чувството за миризба, од кое досега аир не сум видел многу освен што другарките кога бев клинец ме употребуваа да им проценам  некој мирис, а знаеа да употребуваат и Поасон, бљак.

Влезот во салата ми беше како кадар од Петиот Елемент кога сите влегуваат во репликата на Миланската Скала. Не сум имал прилика да посетам театар или опера во земји како Австрија и Италија и моите компарации најчесто доаѓаат од современата поп култура со која надоместував неможноста за дополнително културно следење на настани. Седишта удобни како во современи кина, но и тие како и целата внатрешност изработени во гламур и сјај како што е и целиот амбиент.
Погледот нагоре ќе ви даде спектакуларна слика на муралите и лустерот со кој имате чувство дека сево ова и не е ново, дека сево ова е само продолжение на нешто што постои тука со векови.
Не отидов до тоалет, се надевав дека ќе можам да обележам територија  на паузата … а како по обичај кога има државен врв, манифестациите доцнат, традиционално долго доцнат, но тоа нема да биде важно многу, затоа што седењето во ред со колеги новинари ти е како да си пуштил група дотерани Бивис и Батхед кои без милост се мајтапат со живо и диво. Едно време посакав да бидам на балконот во ложите како страците  од Мапет Шоу, за да можам да коментирам … но моите пориви за логореа наскоро беа затнати наредните 4 часа

 

Претставата почна …
За запис за историја, се изговори првата реченица … таа чест ја имаше Петре Темелковски, .. а може ли некој друг освен него со толку наративен патос кое звучи како ехо од пред илјадници години да ја изговори?
“Запишано е! Од Ерусалим во Македонија ќе појдеш.”
 Аплауз, тоа беше првата реченица, која верувам, дека и авторот (Плевнеш)  и режисерот (Пројковски) свесни за историскиот миг и тежина токму ја нагодиле да почне со вакви пророчки зборови.
За да не ви ја прераскажувам содржината која како текст веќе ја има онлајн, впрочем јас сум најмалку театарски критичар, но само блогер – порталџија- коментатор кој обземен од емоции има потреба да она што во таа вечер го доживеав да го ставам на парче (виртуелна) хартија.

Ако сте решиле да добиете впечаток од моиве зборови што се случуваше на премиерата на Вечната Куќа, морам збор два да ви кажам нешто од личната интима. Знаете, дедо ми, сиромашен маџермаалец, кондураџија, единствениот кој го имав и со кој многу време поминав, не за да ме чува како дете туку како друштво и кога бев возрасен, со кого ми беше убаво да ги минувам деновите, наликуваше физички помеѓу Жак Кусто и Клинт Иствуд и имаше такво држење, исправен, убав човек со машки црти и јака вилица, а во исто време никогаш не изговоруваше збор повеќе од потребното. Никогаш не беше покажал емоции повеќе од потребното, ниту позитивни, ниту негативни, но и така од него зрачеше блага топлина. Паметам кога ми беше родеден, а јас бев тинејџер и немав многу познавање за чувствата ,тој ми пријде, ми подаде 500 денари, да си купам нешто, и ја сврте главата. Го загледав и се вџашив … плачеше, крупни солзи му течеа низ образите а истовремено се смееше. Го прашав зошто плачеш? Тој само ме прегрна и ме бакна … Така и јас, плачев без рационална причина. Затоа не поставувајте потпрашања зошто целата представа си плачев како река. Ни помалку ни повеќе си изронив солзи исто колку и актерката Искра Ветерова која така маестрално ја понесе на плеќи целата представа, без ниеден пад, на толку високо ниво и со таков глас на очај, кој како да слушаш мајка која плаче над најмило од небото. Кожата ти се ежи, солзи течат, емоционален карусел кој почнува од бокс мечот во стомакот па се нагоре и го стискаш во грлото, а во исто време, свесен, дека целата представа е намерно така емоционално напумпана и поставена за свесно да те води во долината на солзите каде те чека осветникот без маска и ти стрела директно во јајцата, … боли и боли и боли оти се препознаваш не само себе, туку своите, предците, родителите, маката на народот кој е преширок поим но сепак затоа што нема македонец во било кое семесјтво да не поминал некаква голгота и треба да си копито непоркопсано да не предизвика рекација во тебе.

 
Заврши првиот дел, пауза …

Трчанката доле во тоалетот, жените сите пред огледалата проверка дали е реазлеан креонот, барем оној дел од почеовечните гости затоа што ова е сепак премиера, и како таква преполна е со емиоционални евнуси кои не би затрепериле и Треблинка да ја видат во живо во некое временско патување. Рококо и хајтек, таман во функција, и да се надеваме дека нема да бидат препуштени на стихијата на примитивците, дека нема да го растурат како што само они умеат … а теткиците кои чистат…не претерувајте со перфекцијата и со тоа озонерите и средствата … угушивте …
Вториот дел беше час по историја, низ средбите со духовите на умрените се прераскажува историјата на Македонија на еден алегоричен начин, низ лично и интимно доживување на паднатите великани. Тука веќе некако доста воздржано го проследив целиот тој дел за кој мислев дека нема да може да ја стигне висината на емоционалниот набој која главната актерка која се исуши како суво дрво од реката солзи кои искрено ги лееше додека ја играше представата.

И тогаш … крешендо, крешендо виваче, јавачите на апокалипсата на емоциите зајаваа на крајот. Меѓу духовите кои бараа право на дел од Вечната Куќа се појави и духот на Ристо Шишков, велканот и бардот на македонскиот театар, еден од најдобите актери на сите времиња … Него го играше, неговиот син Васил Шишков … Синот го игра таткото, синот ја раскажува трагичната судбина на својот татко и како спектакуларна иронија на судбината и како првда на Севишниот, Васил стои на место кое со право му припаѓа на неговиот татко. Васил не тресна сите од земја со неговиот монолог играјќи го својот татко. Не дотепа и неговиот настап и искрената рекација на актерите на сцената кои со аплауз го испратија кога заврши. Ова и беше еден од најсилните аплаузи таа вечер. Тоа беше сечилото на лустрацијата  – солзи кои како меч не распорија сите нас длабоко во душата. Толку беше силно што едноставно, не може никако поинаку да се опише освен со ваков текстуален мелодраатичен патос.
Долго ми требаше да ја напишам оваа колумна или шогодае, мерено во часови, предолго, затоа што морав да станувам и издишувам, затоа што впечатокот од представата и подсетувањето на неа беше толку силно што повторно и повторно се навраќаа емоциите. Ах Искра, ќе те паметам по ова дур сум жив … Мерил Стрип е цикруски кловн  споредено со тебе, браво жено, браво, само се грижам да не се исушиш додека ги изиграш сите представи, ќе пресвиснеш и прокопсаш, а ќе дојдам пак да те гледам и пак ќе го очекувам истото од тебе …

 

И сега да се навратам на деталите …
Тони Михајловски покажа ретко зрела улога со карактер, иако немаше многу простор за неговиот раскошен талент, но и покрај тоа, така силно го долови ликот на адвокатот, човекот на светот, кој се соочува со моралот и етиката наспроти студените земски правила и силно ја пренесува пораката на фактите, трасирајќи пат како ваљак за да Искра која го асфалтира со солзи. Попатетична реченица не можев да смислам, но да бевте таму таа вечер, ќе ве собираа во леген со сунѓер.
Самата представа не можеше да биде подобро смислена, понаменски замислена за да ни ги покаже сите технички можности на новиот театар. Што се не се изнагледавме, дигитално конторлирани платформи во балет кои се дигаа и спуштаа во корегорафија како надополнение на симболиката со која текстот изобилуваше, скенерите со светлосните ефекти, играњето со звукот кој беше совршен, кој неприметно се префрлаше од звучниците на озвучувањето до сувиот глас на актерите на сцената. Игрите со огледалата, теледиригиран цепелин кој надлетува над партерот во салата, подвижни сценографии како од бродвејските мјузикли, например Мачки…
Музиката на Горан Трајковски беше најдоброто што досега го направил во театарот. Ги отвори чакрите на згаснатата Анастасија и повторно ги слушнавме епските спектакуларни звуци како ехо од нивната музка која совршено одговрашае во амбиентот на представата. Совршен спој на музика и пеење во живо, хорот и актерите, во беспрекорно озвучување. Прв пат слушнав сабвуфер во полна сила во театар. Дури и поигурвањето со црното кабаре, современиот израз, се беше во совршено избалансирана функција, перфектно стокмено. На миг мислиш следиш концерт, мјузикл, но црн, мрачен, тегобен мјузикл каква што е и историјата на овој народ. Изведбите на песните беа како спот во живо. Актерите на сцената не само што глумеа, тие беа и пеачи, танчери, актери, пантомимичари, толку силна мултимедија во звук, светло и музика не паметам дека некоја представа ни има понудено. И нека ми простат оние кои не ги спомнав, не дека рангирам, едноставно пишувам импулсивно само со податоци кои едвај ги знам оти не го познавам теаратарот, но ви ги препознав емоциите. Десетина минути аплауз беше премалку, но од ваква публика, стегната, повеќе протоколарна одошто силно театарски посветена и ова беше премногу.

 

Драго ми е што конечно имате обејкт за кој ми е драго што јас, како граѓанин суд вложил во ова.
Има една, а се однесува за Груевски, сватете како сакате, но него сум избегнувал директно да го посочувам за било која работа, и лошо и добро, оти има доволно луѓе и новинари кои се занимаваат со него, како што реков и за арно и и за лошо, но сакам само да му одадам признание, затоа што убеден сум дека неговото стапнување на сцена, како млад и аматер, му кликнало да ја почувствува сјајот и бедата на театарот кај нас, да има емпатија за она што актерите го прават, за кој, признавам, јас и не сум имал многу некакво сочувство и тоа да придонесе да се направи не само за народот и државата, туку за самиот театар, за уметноста, за актерите, кои вечерва сум ги разбрал повеќе одошто целиот мој живот. За ова дело, симнувам капа и искрено честитам на визијата и храборста да се нафати на ваков проект кој е повеќе од споменик и темел за нас, граѓаните на оваа земја кои сите заедно сме делеле тешка судбина. Ова беше вечер за паметење, ова беше историја. ако по нешто ќе го паметам Груевски, ќе го паметам по ова.
Плевнеш напиша театарски манифест за овој народ, а Пројковски го режираше своето животно дело. Се видовме и почувствуваме, целиот труд, режија, музика, игра, ги забележавме сите детали, свативме колку само е вложено, лично и матерјално, колку сте се внесле и спружиле во овој проект. Стручната критика ќе излее килограми фонтови за прецизни и анализи на нивната работа и искрено, едвај чекам да видам дали ќе се совпадне со моите емоции кои ги доживеав. И згора на се … олку сложена представа, олку сложен процес во која на скоро секоја сцена имаше триестина актери во кореографија додека се преплетуваа со компјутерски конторлираните сценографски елементи, со Цирку Де Солеј мигови, кабаре, шекспировска драма, трагедија, се тоа да се изведе без грешка, без кикс, без “глич” во системот, синхронизирано како небеска машина, со авангардни моменти и класичен театар, беше неверојатно. Екипо, бевте совршени, јас ви се поклонувам и ви ги подарувам со најдлабока благодарност моите зборови овде напишани затоа што не ме личи како мало дете да трчам на сцена и да ви подавам цвеќе за честито и ајирлија.
Спектракуларна представа без преседан во нашето творештво од секој аспект на која за доживеав длабоко емоитивно и со силен порив да ги однесам и моите деца да ја погледнат, за да разберат барем дел од она кои сме и што сме и зошто сме.
ПС – Тихо, Младичу, те имав во мислите додека одеше представата, знам дека ти требаше и заслужуваше да бидеш дел од ова, се молам дека Бог во милоста своја те смести во некој свој топол агол да ја гледаш одозгора, ова наше парче духовна борба за да ја заслужиме и ние Негова милост.
Извор: jadiburek.comКако што тоа обично бива, си врзав сосема погрешно во глава,  после гостувањетона Тони Михајловски во мојата емисија каде говореше на долго и

Пронајдете не на следниве мрежи: