За отпорни градби од земјотреси неопходно е почитување на регулативата и контрола на квалитетот на градажните материјали

Kонтролата во сите фази од изградбата на објектот, како и совеста и знаењето на лицата вклучени во тој процес се клучен фактор за квалитетна градба. Непоходно е да се воведе поефикасна контрола врз работата и на надзорните органи при градба, покажува праксата, со што дополнително ќе се гарантира квалитетот на целокупниот процес. Во Македонија постои традиција и техничка регулатива за проектирање, изведба и контрола на градби отпорни на земјотреси со очекуван интензитет. Но, регулативата треба да се почитува во целост за да може објектите кои се проектираат и градат да се сметаат за сеизмички отпорни. Ова е еден од главните заклучоци од стручниот форум, „Сеизмичка отпорност на градбите“ што се одржа вчера во Скопје во организација на Градежниот факултет од Скопје, Институтот за земјотресно инжењерство и сеизмичка градба, Цементарница Усје АД Скопје и Заводот за испитување на материјалите. 
На форумот на кој присуствуваа голем број претставници од релевантни институции, кои научно се занимаваат со оваа област, но и претставници на градежните компании, беше констатирано и дека големо влијание врз квалитетот на градењето, како еден од сегментите што имаат пресудно значење за сеизмичката сигурност на објектите, има квалитетот на градежните материјали што се користат. Оттаму, се препорачува воведување на задолжителна контрола на производството на сите градежни материјали, како и на оние што се увезуваат на пазарот во Македонија, која што ќе ја вршат овластени и стручни институции. Потребно е да се посвети поголемо внимание на имплементацијата на законот за градежни производи, од причина што овој закон ги опфаќа сите економски оператори за производство и пласман на градежни производи, како и на надзорот на производите.
Ексертите едногласно заклучија дека квалитетното градење е резултат единствено на синергија од знаење, способност, одговорност и почитување на стандарди од страна на сите учесници во процесот. Секој поинаков пристап е методолошки погрешен и на долги патеки неодржлив. Неопходно е да му се посвети и соодветно внимание на делот од регулативата која го третира испитувањето на сеизмичката повредливост на постоечките објекти, бидејќи за нив е неопходна специфична експертиза. Дополнително, еден од основните предуслови за успешно асеизмичко проектирање на конструкциите, исто така е и познавањето на геолошките карактеристики на почвата каде се гради. Категоријата на градбите во законот за градење треба да се дефинира во зависност од специфичноста, функцијата и вредноста на објектот, како и согласно потребата од нивна функционалност за време и веднаш по земјотрес со максимално очекуван интензитет.
Меѓудругото, од дискусијата на форумот беше заклучено и дека во процесот на проектирање на конструктивните системи кои се нецелосно покриени со прописите, како што се: безгредовите системи, реконструкциите на објекти, надградби, доградби, рушење на контруктивни елементи, отворање отвори, и т.н., како и останати специфични/комплексни конструктивни системи, неопходни се дополнителни анализи кои опфаќаат и анализа на однесувањето на конструкцијата за време на земјотрес.
Согласно стратегијата на Република Македонија за намалување на ризиците од елементарни непогоди се препорачува и да се спроведе ре-анализа на објектите од јавен интерес градени пред 1981 година, со цел да се избегнат материјални штети и при земјотреси со помал повратен период што беше случај со последниот земјотрес од 11.09.2016 година.
Учесниците го оценија форумот како успешен и ја поздравија иницијативата вакви стручни форуми да се организираат и во иднина и на други теми согласно потребите на стручната и научна јавност. Стручниот форум беше во организација на: Градежниот факултет од Скопје, Заводот за испитување на материјали и развој на нови технологии „Скопје“ АД Скопје (ЗИМ), Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС) и Цементарница УСЈЕ.
 
  
На форумот на кој присуствуваа голем број претставници од релевантни институции, кои научно се занимаваат со оваа област,

Пронајдете не на следниве мрежи: