На македонскиот народ му се нудат лицемерни решенија за самоукинување

По вчерашниот Архиепископски Црковно народен Собор кои изгласаа резолуција за неменување на името на Македонската православна црква, членовите на Соборот упатија и апел до сите политички субјекти во земјава за одговорен пристап во овој исклучително компексен и полн со предизвици период за нашата татковина, со препорака да се употребат сите сили за запазување на националниот и духовен идентитет на македонскиот народ и се што е македонско. Да не се менува Уставната позиција на македонскиот јазик, да се сочува унитарниот карактер на Република Македонија денес со свое мислење се јави владиката Агатангел со зборовите.
Значењето на охридската архиепископија е огромно и непроценливо, преку нејзината вековна мисија, македонскиот народ го зачувал својот јазик и својата идентитетска посебност. Но и после толку поминати години, за жал сеништата од минатото повторно се појавуваат и го вознемируваат македонското битие – ова е дел од Словото кое го одржа митрполитот Повардарски по повод 60 годишниот јубилеј од обновата на Охридската архиепископија. Владиката Агатангел се осврна на премрежјата со кои се соочува нашата држава, и македонскиот народ, доведени во ситуација да се борат за уставното име на татковината.
– Денес не само што се одрекува македонската црковна автокефалност, туку се негира и македонскиот национален идентитет,а се загрозува и опстојот на македонската држава. Преку перфидни предлози и лицемерни решенија му се нуди на македонскиот народ самоукинување и автогеноцид. Овие современи Понтиј Пилати и апостоли на немирот, надоградени со заслепувачка безумна омраза и високото мислење на себе, со години ја пеплосуваат македонската душа, го вознемируваат и разединуваат народот по сите основи – изјави г. Агатангел-Митрополит Повардарски.
Според него македонскиот народ е умен, трпелив и сталожен, ги знае своите потреби и интереси, донесува правилни одлуки тогаш кога се загрозува неговото достоинство, и неговото право на живот и постоење.
– Во охридската архиепископија пред повеќе од еден милиниум се удриле темелите врз кои се градел целиот напредок и сиот духовен развој на православниот народ во древна Македонија, затоа годинава, ја прославуваме илјадагодишнината од нејзиното формирање – дополни г. Агатангел.
Малку народи како нас, Македонците во светот имаат можност да прославуваат вакви јубилеи и значајни историски настани. Ова е историски настан, а не како што ни навестуваат некои. Токму Охридската архиепископија е потврда за древноста на македонскиот народ и неговата цивилизација која на Европа во наследство и оставила огромни и бесценети духовни вредности – додаде владиката Агатангел.

 

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.