Се вжештуваат протестите во САД-Уапсени над 200 лица, извикувале: „Нема правда, нема мир“

Американските сили за спроведување на редот уапсиле повеќе од 200 лица во неколку градови во текот на протестите кои се одржуваа ноќта од саботата кон неделата, а продолжуваат тензиите меѓу припадниците на афроамериканската заедница и полицијата.Апсењата се извршени 48 часа откако авганистанскиот воен ветеран 25-годишниот Михај Хавиер Џонсон во четвртокот навечер пукаше врз полицајците во Далас, при што уби пет и рани уште седум полицајци, а во преговорите со полицијата пред да биде убиен рекол дека е гневен и оти „сака да убива белци, особено полицајци“.
Соединетите Американски Држави се зафатени од бран протести против убивањето на Афроамериканците од страна на полицијата по неодамнешните убиства во Минесота и Луизијана. Патиштата во Минесота беа блокирани, а членови на вооружената политичка организација Нова партија на црните пантери за самоодбрана (НБПП) и се спротивставија на полицијата во Батон Руж, Луизијана. Имаше десетици апсења, но собирите беа претежно мирни, пренесе Би-би-си.
Ситуацијата исто така е тензична и во Далас, каде што Афроамериканец минатата недела уби петмина полицајци. Нивото на безбедност беше кренато во полициската станица кога биле примени анонимни закани, но потоа бил даден знак за расчистување по пребарувањето на паркингот.
 
„Ова е кулминација на она што се случува со децении“
Протестите против полицијата започнаа по смртта на Филандо Kастил во Минесота и на Алтон Стерлинг во Луизијана. Од полицијата истакнаа дека некои полицајци биле повредени од пиротехниката употребена во Минесота и дека се уапсени повеќе лица. Демонстрантите истакнаа дека полицијата користела солзавец и гумени куршуми за да ги растера демонстрантите што блокираа важен автопат. Во Батон Руж неколку стотици демонстранти се собраа пред полицијата извикувајќи „Нема правда, нема мир“, а демонстранти имаше и кај продавницата каде што беше убиен Стерлинг. Имаше голема тензија при средбата на вооружените членови на НБПП и полицијата. Законите во Луизијана дозволуваат отворено носење оружје. Медиумите пренесоа дека се уапсени десетици лица и дека се конфискувани најмалку две оружја. Меѓу уапсените се и двајца новинари.
– Се убиваат црни момчиња и ова е само кулминација на она што се случува со децении – истакна демонстрантот Мари Флауњерс од Батон Руж.
Неколку стотици демонстранти ги блокираа патиштата и мостовите во Сан Франциско и Фресно во Kалифорнија, а уште стотици мирно демонстрираа во Вест Палм Бич, Форт Лодердејл и Мајами во Флорида.
Во Њујорк беа уапсени најмалку 20 лица додека стотици лица маршираа низ Менхетн. Во Филаделфија имаше шестчасовен марш.
– Без униформата и беџот, ти си како нас – му рече еден демонстрант на еден полицаец.
 
Напаѓачот бил во Авганистан и учел тактики
Протести имаше и во Нешвил, Индијанаполис и Вашингтон. Протестите продолжија и покрај напорите на американскиот претседател да ја намали тензијата.
– Kолку и да беше болна оваа недела, јас верувам дека Америка не е толку поделена колку што сугерираат некои – истакна Обама.
Тој додаде дека лицето што ги уби полицајците, именувано како Мајка Џонсон, не ги претставува ниту американските Афроамериканци ниту духот во кој треба да се продолжи.
Американските власти го наведоа 25-годишниот Џонсон како единствен напаѓач во Далас, додавајќи дека служел во Авганистан, го поддржувал милитантниот црнечки национализам, искажувал гнев поради убиството на двајцата Афроамериканци минатата недела како и желба да убива белци, а особено белци полицајци. Џонсон, кого американската полиција го уби со робот-бомба, минал шест години во воена служба, а во Авганистан бил од ноември 2013 до април 2015 година. Полицијата по претресот на неговата куќа пронашла материјал за изработка на бомби, панцири, автоматски пушки, муниција и дневник со борбени тактики. Kомандантот на полицијата во Далас, Дејвид Браун, истакна дека Џонсон, според сопственото признание, дејствувал сам и не бил припадник на ниедна група, иако полицијата веруваше дека со него имало уште напаѓачи.
Бабу Омовале, коосновач на НБПП во Далас, истакна дека Џонсон бил на неколку состаноци на националистичката група, но дека никогаш не бил на вооружените собири на групата.
Дневникот на Џонсон покажува дека тој учел тактика на пукање и движење, која всушност ги натерала полицајците да веруваат дека има повеќемина напаѓачи. Но, откако го пронашле дневникот, тие се увериле дека Џонсон ја кажувал вистината кога велел дека е сам, пренесува „Вашингтон пост“. Весникот додава дека колегите на Џонсон се шокирани поради неговите мотиви за убиството на полицајците. Исто така, „Вашингтон пост“ пренесува дека додека Џонсон бил во Авганистан, една жена-војник од неговата единица го обвинила за сексуално вознемирување. Таа рекла дека на Џонсон му треба помош за менталното здравје.
Бројот на полицајци што биле застрелани во САД оваа година е поголем за 44 отсто отколку истиот период лани, пренесе „Ју-ес-еј тудеј“. Овој период минатата година бројот на убиени полицајци во САД изнесувал 15, а сега се 26.
 
Убиен уште еден Афроамериканец
Полицијата фатално застрела уште еден Афроамериканец во саботата наутро во Хјустон, Тексас, пренесе „Раша тудеј“. Човекот што беше идентификуван од страна на медиумите како Алва Бразиел наводно бил застрелан десет пати откако нишанел со оружје кон спроведувачите на законот. Американските медиуми пренесоа дека од полицијата во Хјустон соопштиле оти двајца полицајци убиле вооружен човек и дека во моментот носеле камери на телото. Според полицијата, тие забележале човек со револвер на улицата. Kога го замолиле да го положи оружјето, тој наводно го кренал во воздух пред да нишани кон полицијата. Потоа било пукано во него, а целиот настан бил снимен со безбедносните камери од бензинска пумпа во близина.
 
КАКО АМЕРИКАНСКАТА ПОЛИЦИЈА СЕ СПРАВУВА СО ДЕМОНСТРАНТИТЕАпсењата се извршени 48 часа откако авганистанскиот воен ветеран 25-годишниот Михај Хавиер Џонсон во четвртокот навечер пукаше врз полицајците во Д

Пронајдете не на следниве мрежи: