„Макпетрол“ АД реагира на денеска одредените малопродажни цени на нафтата и нафтените деривати по новата методологија на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) и смета дека требало да бидат пониски за половина дена по литар.
–Согласно нашите пресметки, за наредната недела очекувавме цени пониски за 0,5 денари по литар кај сите деривати, од објавените во одлуката од страна на Регулаторната комисија за енергетика. Веднаш ја уочивме разликата, која не произлегува од движењето на цените на нафтените деривати на светските берзи во изминатиов период, туку во основа разликите произлегуваат од механизмот на заокружување со малопродажните цени на нафтените деривати, во новата одлука и правилникот на РКЕ.
Во услови кога слободно беа формирани цените, ова заокружување како во позитивна така и во негативна насока се случуваше кај трговската маржа. Но во случај кога повторно РКЕ ја формира и одредува цената на нафтените деривати заокружувањето повторно се пресметува, додава кај акцизата но само во позитивен правец, информираат од Макпетрол.
Според нив, очигледно е дека РКЕ по налог или во соработка со Министерството за финансии, не сака да се откаже од дополнителни зафаќања кај акцизата, за сметка и во корист на потрошувачите и компаниите во земјава.