Големи борби се водат околу градот Купјанск во регионот околу Харков. Тоа е град кој беше окупиран од руските воени сили на почетокот на војната, во февруари минатата година, а потоа Украинците го вратија во жестока контраофанзива во септември 2022 година.
Но, сега тој стратешки важен железнички центар повторно се најде на удар на руските воени сили, а некои аналитичари предвидуваат дека градот повторно би можел да биде под руска окупација. Затоа властите во регионот Харков најавија делумна евакуација на цивилите од Купјанск. Линијата на фронтот повторно се приближува кон градот, а властите стравуваат дека руската армија може да се обиде да го врати Купјанск под нивна контрола.
Имено, деновиве започна долгонајавуваната руска пролетна офанзива, а нејзината цел е наводно до крајот на март и почетокот на април да ги окупира областите во Донбас кои Русија ги анектираше на крајот на 2022 година, но не ги контролира. Украина на тој начин се обврза да ги евакуира т.н „ранливи групи“ – деца, стари лица, инвалиди и болни од Купјанск поради рускиот напредок во таа насока.
Купјанск, Украина
„Евакуацијата на семејствата со деца и стари и неподвижни лица е задолжителна бидејќи руските сили постојано ја бомбардираат таа територија“, најави гувернерот на Харков, Олех Синјехубов.
Според информациите од локалната воена управа, во градот има 812 деца и 724 инвалиди. Но, засега, вели Синјехубов – „евакуацијата не е задолжителна за остатокот од населението“. Пред војната, во Купјанск живееле околу 25 илјади луѓе. Русите во последните недели континуирано ги напаѓаат украинските позиции долж потегот на градот, како и неколку други правци на источниот фронт и, судејќи според извештаите од двете страни, успеале да ја поместат линијата на фронтот до пристапот кон Купјанск.
Американскиот институт за проучување на војната (ISW) објави дека руските трупи напаѓаат во мали групи североисточно од Купјанск. Во исто време, Русите се обидуваат да напредуваат јужно од Купјанск, кон градот Лиман, кој исто така минатата есен беше ослободен од украинските војници.
Пронајдете не на следниве мрежи: