Силен земјотрес со јачина од 6,8 степени го погоди Мароко

Силен земјотрес го погоди Мароко доцна синоќа, во неколку марокански градови уништи згради и ги натера луѓето да ги напуштат своите домови, а според прелиминарните податоци на МВР загинале најмалку 296 лица, а 153 се повредени.

Мароканскиот геофизички центар соопшти дека земјотресот се случил во областа Игил со јачина од 7,2 степени. Американскиот геолошки институт ја процени јачината на земјотресот на 6,8 степени и соопшти дека е на релативно мала длабочина од 18,5 километри.
Игил, планинска област со мали земјоделски села, се наоѓа на околу 70 километри југозападно од Маракеш. Земјотресот се случил нешто по 23 часот по локално време. Регистриран е и последователен потрес со јачина од 4,9 степени според Рихтеровата скала 19 минути подоцна.

Локален функционер изјави дека најголем дел од смртните случаи се случиле во планинските области кои се тешко достапни. Локалните медиуми објавија дека патиштата што водат до планинскиот регион околу епицентарот на земјотресот се заглавени со возила и блокирани од урнати карпи, што ги забавува спасувачките напори.
Жителите на Маракеш изјавија дека некои згради се урнале во стариот град – светското наследство на УНЕСКО, а локалната телевизија прикажа слики од срушеното минаре на џамијата со урнатини што лежат врз згмечените автомобили. Според државната телевизија قناة الأولى (Ал Аула), земјотресот оштетил делови од историските ѕидини на Маракеш од XII век.

Монтасир Итри, жител на планинското село Асни во близина на епицентарот, рече дека повеќето од куќите таму се оштетени.
„Нашите соседи се под урнатините и луѓето напорно работат да ги спасат, користејќи ги расположливите ресурси во селото“, сведочеше тој.

Министерството за внатрешни работи на Мароко денеска го повика населението да остане смирено и „да не паничи“.
Земјотресот бил почувствуван дури и во Португалија и Алжир.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.