Украинската армија рано утринава изврши голем ракетен напад врз пристанишниот град Севастопол на Крим, објави прорускиот гувернер на регионот, Михаил Развозаев.
Тој на социјалната мрежа Телеграм напиша дека нападот предизвикал пожар на „нецивилна цел“ и дека 24 лица се повредени.

Неколку новински канали на Телеграм објавија дека гори бродоградилиштето во кое се градат и поправаат бродовите на руската Црноморска флота.
Погоден е и рускиот воен брод од класата „Ропуча“ долг 112,5 метри, со поместување од 2.200 тони.
Оваа информација ја потврди и руското Министерство за одбрана, додавајќи дека се оштетени два брода кои биле на ремонт на бродоградилиштето.
Русите додаваат дека нападот бил извршен со 10 крстосувачки ракети и три поморски беспилотни летала. Руската страна тврди дека сите поморски дронови биле уништени од патролниот брод „Васили Биков“.
Официјален Киев се уште не се огласи.
Пронајдете не на следниве мрежи:



