Израел престана да издава визи за претставници на Обединетите нации

Израелските власти денеска престанаа да им издаваат визи на претставници на Обединетите нации, еден ден откако генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш изјави дека нападот на Хамас врз Израел бил предизвикан од израелската окупација на Појасот Газа, објави денеска „Тајмс оф Израел“, повикувајќи се на неименуван израелски функционер.

Претходно, амбасадорот на Израел во ОН, Гилад Ердан, најави дека претставниците на Обединетите нации нема да добијат визи поради изјавата на генералниот секретар.

„Време е да им одржиме лекција“, рече Ердан.

Генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш објави дека нема оправдување за смртоносниот напад на Хамас врз Израел, откако израелските власти го повикаа да поднесе оставка поради неговата изјава дека нападите на Хамас „не се случиле во вакуум“, пренесува Танјуг.

Гутереш на социјалната мрежа Икс (Твитер) напиша дека страдањето на палестинскиот народ не може да ги оправда страшните напади на Хамас, ниту дека нападите на таа група можат да го оправдаат колективното казнување на палестинскиот народ, пренесе Ројтерс.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.