Ансамблот „ВИС Билјана“ вечерва во „Јавна соба“ – староградската песна поблиску до младите


Ансамблот „ВИС Билјана“ ќе одржи концерт вечерва во 21 часот во „Јавна соба“ во Скопје. Овој ансамбл постои веќе 15 години и се труди да ја зачува, изведувa и презентира културната традиција на Охрид и Македонија во и надвор од државата, преку песна и игра онака како што најдобро умее и со мисија да остави трага за идните генерации.

На вториот носач на звук издаден во мај 2016 година, снимени се 13 песни. Дел од нив се староградски, дел се стари неснимени песни кои старата постава немала можност да ги сними и е снимена и една авторска песна со наслов „Збогум Румелија”. Специјален гостин на ова цеде е Ташко Петрески – соло гитара, еден од ретките активни членови од стариот состав на ансамблот.

Во 2009 година Кузман Поп-Стефанија заедно со своите внуци Јован и Димитар Поп-Стефанија го формираат подмладокот на „Билјана“ кој активно работи на полето на староградската охридска музика, македонската народна музика и музиката од целиот Балкан. Групата работи под менторството на Кузман се до неговата смрт во 2013 година. Во оваа група, покрај сегашните членови Јован Поп-Стефанија, Ангел Трајковски, Христијан Томевски и Андреј Лаброски членувале и Ангел Дулевски, Петар Паскали, Стефан Здравевски и Виктор Јолаковски.

Групата има издадено два носачи на звук со име „И ние сме деца на Македонија“ во 2013 година. Тој содржи веќе снимени староградски песни од охридскиот крај, а на овој носач на звук специјален гостин е Васко Дуковски, магистер по кларинет кој своите студии ги има завршено на престижниот „Џулиард колеџ“ во Њујорк.

Првиот состав на „ВИС Билјана“ е формиран во јуни 1952 година во Охрид, од страна на Кузман Поп-Стефанија кој заедно со неговите другари Томчо Лукан, Миле Трендафилов и Гарип Рамадан се отцепуваат од тогашните културно-уметнички друштва и го формираат овој ансамбл.

World Music Saturday е мотото на фестивалот „Светско, а наше”.

– Реклама –

Пронајдете не на следниве мрежи: