Благ пад на берзите во Европа, раст во Азија

На европските берзи во средата се тргуваше внимателно, при што берзанските индекси беа благо намалени по двате дена раст.

Индексот STOXX 600 на водечките европски акции во првиот дневен пресек од тргувањето беше во минус за 0,1 отсто, губејќи дел од добивката од претходните два дена. Претпладнево лондонскиот FTSE индекс загуби 0,26 отсто, на 8.170 поени, додека франкфуртски DAX се лизна за 0,15 отсто, на 18.105 поени, а парискиот CAC 0,19 отсто, на 7.615 поени.

А на повеќето азиски берзи цените на акциите пораснаа. Индексот MSCI на азиско-пацифичките акции, без јапонските, во истиот период од тргувањето како и во Европа, порасна за 0,7 отсто, добивајќи на вредноста втор ден со ред. Истовремено, јапонскиот индекс Nikkei зајакна за 0,2 отсто, додека цените на акциите во Јужна Кореја и Хонгконг пораснаа меѓу 1,2 и 2,7 отсто. Индексите благо паднаа во Шангај и Австралија.

Растот на повеќето индекси главно се должи на растот на цените на акциите во технолошкиот сектор, поради што берзанските индекси меѓу другите во Тајван и Индија достигнаа нови рекордни нивоа.

Така, повеќето азиски берзи го следат вчерашниот раст на Волстрит, кога индексот Dow Jones зајакна за 0,15 отсто, S&P 500 за 0,25 отсто, а Nasdaq за 0,03 отсто. И вчера на најголемата светска берза, како и во изминатите денови, најмногу пораснаа цените на акциите на производителите на чипови и технолошките компании, па S&P 500 и Nasdaq достигнаа нови рекордни нивоа.

Иако немаше нови значајни вести, цената на акцијата на „Nvidia“ скокна за 3,5 отсто, со што производителот на чипови стана најголема компанија во светот по пазарна капитализација, надминувајќи го „Microsoft“. Благодарение на еуфоријата поврзана со развојот на вештачката интелигенција, цената на акциите на „Nvidia“ скокна за повеќе од 170 отсто од почетокот на годината, па така пазарната вредност на компанијата достигна 3.220 милијарди долари.

Акциите на други производители на чипови, како што се „Micron Technology“ и „Qualcomm“, исто така, поскапеа. „Сè се врти околу приказната за вештачката интелигенција“, вели Тај Дрејпер, советник во Beacon Capital Management.

Пронајдете не на следниве мрежи: