12-годишно девојче од Турција по име Еслем Текер вчера било нападнато и растргнато од кучиња-скитници додека минувало ливада во близина на неговиот дом во градот Хакари, јави агенцијата „Анадолија“.
Според очевидците, глутницата кучиња нападнала ненадејно и брутално. Напомош на девојчето истрчале жителите на околните куќи, кои ги избркале кучињата, но не можеле да го спасат девојчето, чиишто повреди подоцна се покажале како фатални.
Девојчето вчера сакало да позајми книги од блиската библиотека, за да го искористи училишниот распуст. Морничавиот случај ја потресе Турција, посебно откако жителите на населбата Јуксекова извесно време наназад укажувале на проблемите со кучињата скитници и барале од властите да ги решат, пишува турската агенција.
Откако минувачите повикале брза помош, Еслем во критична состојба била пренесена во болница. И покрај напорите на лекарите, Еслем го загубила животот. Нејзиното тело е предадено на обдукција. Семејството на девојчето е во шок, а жителите на Хакари побарале итни мерки за решавање на проблемот со кучињата-скитници, за кои велат дека станале сериозна закана за локалното население.
„Со години зборуваме за опасноста, но никој ништо не презема. Ова е голема трагедија за сите нас. Ако порано беше решен проблемот со кучињата скитници, денес Еслем ќе беше со нас“, вели еден жител на Хакари, град претежно населен со Курди, во близина на границата со Ирак.
Трагедијата привлече големо внимание во јавноста и осуда за неодговорноста на властите. По несреќата, екипите на локалната самоуправа и ветеринарните служби почнаа да ги собираат кучињата скитници во областа. Досега повеќе од 20 кучиња се однесени во локално засолниште, но многумина веруваат дека ова доцнење имало трагичен исход.
Трагедијата не ги остави рамнодушни ниту државните функционери. Турскиот министер за земјоделство и шумарство Ибрахим Џумакли изјави:
„Неприфатливо е нашите граѓани, особено децата, да бидат жртви на негрижата на локалните власти. Проблемот со кучињата скитници е итно прашање кое ќе го решиме согласно законот. Со целото срце стоиме со семејството на починатото девојче.“
Пронајдете не на следниве мрежи: ©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.