Туризмот не треба да го гледаме само како извор на девизен прилив, туку како можност за регионален развој, креативна економија и долгорочна меѓународна присутност. Оваа индустрија има извонреден потенцијал за поддршка на локалниот економски развој, особено кога ќе се интегрира со руралниот напредок, културните активности и дигиталната експанзија. Ова налага потреба од јасна стратегија за развој на локалните туристички активности, инвестирање во инфраструктура, дигитализација на понудата и изградба на капацитети кај младите, истакна министерот за култура и туризам Зоран Љутков.
Во своето излагање на Меѓународната конференција „Предизвиците во туризмот и бизнис логистиката во 21 век“ во Музејот на ВМРО во Скопје, Љутков ги нагласи потребите на современата економија, која не треба да се восприема како изолирана категорија. Таа е резултат на различни фактори како што се вредносни системи, образовната структура, институционална зрелост, културни контексти, геополитички услови и капацитет за соработка. Државата има огромен потенцијал да развие модел на економски раст кој не се заснова на застарени индустриски методи, туку на модерни и иновативни пристапи што се фокусираат на туризмот, културата, претприемништвото и заштитата на културното наследство.
Културата, како што истакна, е многу повеќе од сценска уметност или традиција – таа е основа на националниот идентитет, ресурс за економска диференцијација и средство за градење социјален капитал. Бизнисите, укоренети во локалните реалности и инспирирани од иновации, можат да бидат катализатори на промени. Културното наследство – било физичко, нематеријално или дигитално – треба да се гледа како есенцијален капитал што мора да се интегрира во секоја развојна стратегија. Следствено на тоа, преку развој на културни политики, креативни индустрии и мобилност на уметниците, културата може да стане мост меѓу традицијата и иновацијата.
Македонија има потенцијал да изгради автентична приказна, која ќе биде препознатлива на светската карта на задолжителни дестинации, преку дигитализација, теренски истражувања, археолошки проекти и отворени музеи. Економскиот напредок не треба да се гледа како крајна цел, туку како резултат на општествена зрелост, зависен од визија, стратешки одлуки и интеграција. Современите општества напредуваат не само преку статистики, туку преку вредности. Економијата треба да се интегрира во општествената култура, а културата да стане централна во развојната стратегија на општеството. Владата на Македонија има јасна намера да го претвори сето ова во реалност за добробитот на сите граѓани, појасни Љутков.
The post Туризмот: Платформа за развој, не само девизен прилив appeared first on 365.mk.


