Концерт на пијано дуо „Променада“ во Камерната сала на Филхармонија

Во понеделник, во 20:00 часот, во камерната сала на Филхармонија, пијано дуото „Променада“, составено од пијанистките Татјана Божиновска и Билјана Димовска, ќе одржи концерт. На репертоарот ќе бидат изведени дела од композиторите Менделсон, Рахмањинов, M. Тајчевиќ/Б. Светиев и Равел.
Билјана Димовска е родена во 1978 година во Битола. Своето музичко образование го завршува во 2000 година на Факултетот за музичка уметност во Скопје, отсек пијано, под менторство на проф. Тодор Светиев, каде што и магистрира во 2003 година. Досега има настапено на различни значајни настани во Македонија, како што се „Денови на македонската музика“, „Скопско лето“, „Битолско културно лето“, како и други фестивали. Добитничка е на бројни награди, како што е Првата награда на Интернационален натпревар во Бугарија и Специјалната награда „Стефан Трајанов“. Освен како солист со Македонската филхармонија, таа настапува и како камерен музичар. Од 2000 година работи како професорка по пијано во Државното музичко училиште во Битола.
Татјана Божиновска, родена во 1980 година во Битола, завршува академски студии во 2002 година, а три години подоцна и магистратурата на истиот универзитет и отсек, под водство на проф. Тодор Светиев. Во 2014 година ги завршува и докторските студии на Факултетот за музичка уметност во Скопје, под менторство на проф. м-р Тодор Светиев и проф. д-р Димитрије Бужаровски. Божиновска има концертно искуство и во странство, вклучувајќи ги земјите Бугарија, Србија, Романија, Франција, Италија, и многу други. Таа е активна како солистка и член на триото „Интерарт“, со кое добива бројни признанија и има снимени три цедеа.
The post Концерт на пијано дуо „Променада“ во Камерната сала на Филхармонија appeared first on 365.mk.

Пронајдете не на следниве мрежи: