Денес на планината Водно во Скопје ќе се одржи тринаесеттото издание на спортско-рекреативната манифестација „Шпаркасе лајф – прв до врв“.
Овој настан ги собира љубителите на планината, спортот и рекреацијата во пет конкурентни категории кои се натпреваруваат до самиот врв на Водно: планинско трчање – 4,5 километри, планински велосипедизам – 9 километри, друмски велосипедизам – 11,4 километри, електрични велосипеди – 9 километри и тим-билдинг трка за компании – 4,5 километри.
Според известувањето од организаторите, велосипедските трки ќе почнат во 9:45 часот од Музејот на град Скопје со летечки старт пред ОУ „Кочо Рацин“, додека планинското трчање и тим-билдинг трката ќе тргнат директно пред училиштето во 10 часот.
Трасите опфаќаат контролни точки кај полицијата, Средно Водно и пред крајната линија на врвот. „Секој кој ќе ја заврши трката добива финишер медал“.
Исто така, се предвидени и медали во сите возрасни групи, како и во машка и женска конкуренција, со услов да има најмалку тројца учесници по категорија.
Оваа манифестација привлекува сѐ повеќе учесници од странство – оваа година веќе има регистрирано натпреварувачи од Португалија, Италија, Бугарија и САД, што дава дополнителен импулс и интернационален карактер на предизвикот.
Минатата година, беа соборени два рекорда – во друмски велосипедизам за жени (42:36) и во планинско трчање за мажи (31:50), што се нови најдобри времиња во искачувањето до врвот на Водно.
За сите оние кои ќе постават нов рекорд и оваа година, „Шпаркасе банка“ повторно обезбедува награден фонд од 1,000 евра.
Понатаму, како главен поддржувач, тие ќе постават „лаунџ корнер“ со изненадувања, награди за посетителите и активности кои го надополнуваат искуството за сите учесници, се вели во соопштението.
На целта, на врвот на Водно, е организиран пикник, а присутните ќе ги забавуваат диџеј „Вито“ и бендот „Рингтоунс“.
По завршувањето на забавната програма, е планирана церемонија за прогласување на победниците.
бд/вј/Фото: „Шпаркасе лајф – прв до врв“
The post Спортско-рекреативен настан „Шпаркасе лајф – прв до врв“ appeared first on 365.mk.



