Седмиот конкурс за наградата „Пегаз“ најавен за 2025 година

Отворен е седмиот конкурс за наградата „Пегаз“, што го организира издавачката куќа „Арс Ламина“ во соработка со Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“. Конкурсот ќе биде активен до 1 јуни 2025 година, а победникот ќе биде објавен на 2 септември 2025 година. Наградата е отворена за учество на необјавени романи (ракописи) за возрасни, напишани на македонски јазик и со кирилично писмо. Авторите треба да ги испратат своите ракописи како Ворд или ПДФ документ на електронската адреса [email protected]. За оценување на ракописите ќе се ангажира тричлена жири комисија, составена од двајца познати културни работници и еден претставник од издавачката куќа, а имињата на членовите ќе бидат објавени подоцна. Наградата „Пегаз“ вклучува паричен износ од 90.000 денари, статуетка и објавување на романот во посебна едиција. Идејата зад наградата е да се инспирираат и поттикнат нови писателски гласови кои ќе придонесат за развој на жанрот роман во македонската книжевност. Основана е во 2019 година, како продолжение на „Роман на годината“ наградата, која Фондацијата „Славко Јаневски“ ја доделува за најдобар објавен роман во годината. Претходни добитници на „Пегаз“ се делата: „Насон прочитана книга“ од Соња Манџук (2019), „Мртвите знаат најдобро“ од Владо Јаневски и „Лазарка“ од Љупчо Петрески (2020), „Хотел меѓу две војни“ од Александар Русјаков (2021), „Зелениот дворец“ од Сибо (2022), „Риба во(н) мрежа“ од Јована Матевска Атанасова (2023) и „Ехото на акробатите“ од Владимир Јанковски (2024).
The post Седмиот конкурс за наградата „Пегаз“ најавен за 2025 година appeared first on 365.mk.

Пронајдете не на следниве мрежи: