По интензивните борби во јужна Сирија, вклучувајќи ја и директната израелска воена интервенција, САД потврдија дека Израел и Сирија постигнале договор за прекин на огнот, пишува „Тајсм оф Израел“.
Американскиот амбасадор во Анкара и специјален пратеник на САД за Сирија, Том Барак, изјави дека договорот е поддржан и од соседните земји – Турција, Јордан и други регионални сили.
Тој ги повика сите страни во конфликтот да ги прекинат непријателствата и да работат кон заеднички сириски идентитет.
Судирите избувнаа минатата недела во покраината Свеида меѓу друзите и локалните сунитски бедуински племиња.
Во обид да се стабилизира ситуацијата, Сирија испрати војници, но наскоро беше обвинета дека застанала на страната на бедуинските милиции против друзите.
Израел потоа одговори со серија воздушни напади, тврдејќи дека ги штити друзите – малцинство кое ужива посебна позиција во Израел и чии членови често служат во израелската војска.
Израелските цели наводно вклучувале конвои на сириската армија и седиштето на Министерството за одбрана во Дамаск.
Конфликтот принуди десетици илјади луѓе да ги напуштат своите домови, а хуманитарната ситуација во јужна Сирија стана алармантна.



