Додека Европа е потресена од откритието дека авионот на Урсула фон дер Лајн бил принуден да слета рачно, поради сoмневање за руска саботажа со прекин на џипиес-навигацијата над Бугарија, во албанските медиуми се откриваат необјавени информации дека ова не бил изолиран инцидент. Всушност, ист ваков високоризичен прекин се случил пред повеќе од две години, со авионот на тогашниот претседавач со ОБСЕ, Бујар Османи, откриваат реномирани албански медиуми.
Според веродостојни извори запознаени со случајот, официјалниот авион на Османи доживеал целосно губење на џипиес-сигналот во бугарскиот воздушен простор во февруари 2023 година, додека се враќал од официјална мисија на ОБСЕ во Молдавија. Пилотите биле принудени да се вратат на традиционални навигациски инструменти и печатени карти, идентично на итните протоколи што беа користени за време на прекинатото слетување на Фон дер Лајн во Пловдив пред само неколку дена.
Интересно е што ова откритие никогаш досега не било објавено, ниту од ОБСЕ, ниту од Европската Унија, ниту пак од НАТО-институциите. За разлика од случајот со Фон дер Лајн, кој Европската комисија го адресираше јавно, инцидентот со Османи од 2023 година бил интерно задржан и останал во тајност до овој момент.
Паралелите меѓу двата инцидента се интересни. Двата случаи вклучуваат високи функционери, двата се случиле над бугарскиот воздушен простор и во двата случаи било потребно рачно, аналогно управување со летот поради сомнеж за прекин на џипиес-навигацијата.
„Два вакви инциденти, насочени кон високи официјални лица во истиот коридор на летање, силно укажуваат на системска ранливост на Бугарија. Тоа е предупредувачки знак за длабоко компромитирани безбедносни институции во Бугарија “, анализираат албанските медиуми.



