Галетановски: Возилото е изгорено целосно, ниту сум скаран со некој ниту некој ми се заканувал

Автомобилот на претседателот на градската организација на СДСМ за Скопје и поранешен директор на скопската Зоолошка градина, Ѓорѓи Галетановски, бил целосно опожарен ноќеска. Галетановски ја објави информацијата на социјалните мрежи, наведувајќи дека немал никакви расправии или закани.
„Да, возилото мое е изгорено целосно. Ниту сум скаран со некој, ниту некој ми се заканувал, ниту сум наштетил. Сум помагал и ќе помагам на кого можам секогаш“, напиша тој.

Галетановски ѝ се заблагодари на противпожарната служба за брзата интервенција, која спречила огнот да ги зафати околните куќи во скопската населба Кисела вода. Тој упати апел до Министерството за внатрешни работи и надлежните институции што поскоро да го пронајдат сторителот.
„Апелирам до министерот и до Министерството за внатрешни работи најскоро да го најдат сторителот, не поради финансиска загуба, туку поради мирен живот во Скопје и цела држава. Има и ‘сејф сити’ и камери наоколу, да се надеваме дека мирот ќе биде вратен“, додаде Галетановски.
МВР излезе  со детали:
-Денеска (09.09.2025) во СВР Скопје е пријавено дека на ул.„Иван Козаров“ во Скопје опожарено било патничко возило „бмв“ со скопски регистарски ознаки сопственост на Ѓ.Г.(43) од Скопје, а од пожарот биле зафатени уште две патнички возила „опел“ со скопски регистарски ознаки сопственост на Е.К.(30) од Скопје и „форд“ со скопски регистарски ознаки сопственост на А.М.(47) од Скопје.

Пожарот е изгаснат од Бригадата за противпожарна заштита. Повредени лица нема. Извршен е увид од увидна екипа од СВР Скопје и се преземаат мерки за расчистување на случајот, се наведува во соопштението.

Пронајдете не на следниве мрежи: