Одбраната на поранешниот медицински и економски директор на Клиниката за радиотерапија и онкологија Скопје, Нино Васев и Нехад Нухи, тврди дека обвинението за случајот „Онкологија 2“ за несовено работење и финансиски криминал против нив е неосновано и политички монтирано врз основа на економско вештачење од лица кои се исто инкриминирани, наведувајќи дека станува збор за претходниот медицински и економски директор на Клиниката кои биле сменети од Васев.
Првообвинетиот Никола Васев, пред Судот рече дека не се чувствува виновен, дека цел живот 35 години работа на Онкологија и целта секогаш му била да се спасат човечки животи.
-Јас сум директор од 2017 година и имам наследено реверс од директор што јас го имам сменето и кој е потписник на вештачењето против мене во овој случај, а второто економско вештачење е потпишано од втората економска директорка што е разрешена на мое барање поради финансиски злоупотреби. Во обвинението одземени се шест месеци од мојот мандат каде може да се види што точно сум наследил, и како е намален долгот од 35 милиони на 30 илјади. Сакам да се види како успеавме наследените долгови и недостиг на лекови да го решиме со земање наводни реверси, за тоа да ни се земе како наводно сме направиле штета, изјави Васев.
Во однос на наводите од Обвинителството дека ФЗО бил доведен во заблуда, Васев рече дека треба да се види дека онколошките тендери ги правело Министерството за здравство, а Клиниката само го плаќала, укажувајќи дека одложувањето на тендерот од пет месеци во 2020 значело недостиг на лекови и терапија за пациенти.
Нехат Нухи, пред Судот рече дека се чувствувам невин и истото ќе го докаже во постапката.
Адвокатката Анита Бегова, бранителка на второобвинетиот Нухи, во воведен говор рече дека се соочуваат со конфузно и нејасно обвинение, кое го оцени како политичко монтирано.
Судот информираше дека одбраната денеска поднела писмено барање за изземање на вешто лице на Обвинителството.
Судењето продолжува на 16 септември со испитување на сведоци предложени од Обвинителството.


