По видео објавата на која се гледа како директорот на Клиниката за неврологија Игор Кузмановски меша бела прашкаста материја денеска од опозициската СДСМ побараа кривична одговорност и темелна истрага на целокупната негова работа.
– Ако лице што управува со здравствена установа користело дрога, тоа отвора прашање како тоа влијаело врз неговите одлуки како директор, врз здравјето на пациентите, врз безбедноста и функционирањето на системот на клиниката. Сите надлежни институции мора веднаш да го повикаат на распит и да го преиспитаат целото негово работење: сите тендери, одлуки, финансиски трансакции и кадровски именувања во времето кога тој раководел со клиниката, изјави Елена Радеска од Комисијата за здравство на СДСМ.
Според СДСМ, министерот за здравство мора да побара од Лекарската комора додека трае истрагата да му биде одземена лиценцата за работа на Кузмановски.
И лидерот на СДСМ Венко Филипче денеска изјави дека Лекарската комора мора да направи проценка дали и колку време наназад се случувало тоа, односно дали во една таква состојба доктор воопшто може да лекува пациенти.
– Тоа е многу сериозно прашање. Можеби во прашање биле доведени животи на некои негови пациенти доколку бил во некаква таква состојба, сега да не прејудицираме. Но, ова работа заслужува сериозна анализа и проверка од страна на Комората, рече Филипче.
Откако беше објавено видеото, министерот за здравство го разреши Кузмановски од директорката функција, а тој во објава на Фејсбук се извини посочувајќи дека постапката на видеото се случила многу одамна пред неговото назначување на функцијата.
– Во врска со објавите на социјалните мрежи изразувам длабоко каење и се извинувам поради постапката која се има случено далеку пред моето превземање на менаџирање на Клиниката за неврологија. Тоа е постапка со која не се гордеам и сметам дека е момент на моја слабост која не смее да биде пример. Секој човек во животот се соочил со слабости, предизвици и грешки. После ова знам дека оваа грешка нема да се повтори и сум подготвен да живеам со сите мои подеми и падови. Се повлекувам од функцијата директор на клинката задоволен со многуте резултати кои заедно ги постигнавме со мојот тим за краток период. Се извинувам на сите кои ги разочарав, и ќе продолжам да работам како доктор, она што највеќе го знам, сакам и живеам, да спасувам животи, помагам и работам за доброто на заедницата, напиша Кузмановски.


