Вредноста на најпознатата криптовалута, биткоинот, доживува драматичен пад, што предизвика паника меѓу инвеститорите ширум светот.
Цената опаѓа со илјадници долари за само неколку минути, пишува uk.finance.
Според финансиските аналитичари, најголемо влијание за тоа има најавата на американскиот претседатек Доналд Трамп дека ќе воведе нови 100% царини за увозот од Кина, што предизвика страв од глобална економска нестабилност. Оваа вест веднаш се одрази на крипто-пазарот, кој традиционално реагира чувствително на политички и економски шокови.
Дополнително, голем број големи инвеститори, познати како „китови“, започнале масовна продажба на биткоин со цел да ги заштитат профитите стекнати во изминатите месеци. Ова дополнително ја засили нестабилноста, предизвикувајќи лавина на автоматски продажби на берзите.
Целокупниот крипто-пазар е во црвено — вредноста на етереум, солана и другите водечки дигитални валути исто така бележи двоцифрени загуби. Експертите предупредуваат дека може да следи уште поголем пад, доколку пазарот не покаже знаци на стабилизација.
И покрај моменталниот шок, дел од аналитичарите сметаат дека ова може да биде краткорочна корекција, а не почеток на долгорочен колапс.



