Трамп: Хамас има „зелено светло“ за внатрешни безбедносни операции во Газа

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека на Хамас му било дадено „зелено светло“ за внатрешните безбедносни операции што ги спроведува во Појасот Газа, велејќи дека групата сака „да ги запре проблемите“ и дека „им дадовме одобрение за одреден временски период“, објави „Ројтерс“.

Палестинската вооружена група, која според предлогот на Трамп за завршување на војната мора да се разоружа и да го прекине своето владеење во Газа, распореди внатрешни безбедносни сили во делови од Појасот Газа откако во петокот стапи во сила прекинот на огнот, наведувајќи дека целта е да се спречат беззаконие, грабежи и создавање безбедносен вакум.

На прашање од новинар за извештаите дека Хамас се претвора во полициска сила и пука по своите ривали, Трамп одговорил:

„Тие навистина сакаат да ги запрат проблемите, и тоа отворено го кажаа, а ние им дадовме одобрение за одреден временски период. Имате речиси два милиона луѓе што се враќаат во згради кои се урнати и може да се случат многу лоши работи. Затоа сакаме да биде безбедно. Мислам дека ќе биде во ред. Кој може да знае сигурно.“

Голем дел од Газа е претворен во пустош за време на војната што ја поттикна нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година.

Пронајдете не на следниве мрежи: