Државата со години го игнорира меѓународно признатиот долг на ЖРСМ Транспорт АД кон Хрватски железници Карго, кој од 3,8 милиони порасна на речиси 25 милиони евра.
Повеќе од 20 години, институциите не реагираат на меѓународно признатиот долг на ЖРСМ Транспорт АД Скопје кон Хрватски железници Карго, иако документите недвосмислено ја утврдуваат правната обврска. Според официјални податоци, првичната сума од 3.842.386 евра до 31 август 2024 година пораснала на 24.731.468 евра, при што само каматата годишно изнесува 2 милиони евра.
Секоја одмината година долгот се зголемува и е официјално дефиниран во Планот на поделба на Македонски железници, верификуван со Одлука на Владата од 08.05.2007 година, а неговата валидност е потврдена од осум поранешни директори на МЖ. Сепак, ниту една влада досега не презела иницијатива за регулирање.
CIOS Zagreb, како правен наследник на побарувањето, редовно испраќа барања за мирно решавање на спорот и постигнување на спогодба во интерес на двете страни, но досега не постои инцијатива за договор. Првото судско рочиште е закажано за октомври годинава.
Во меѓувреме, други европски железници ги решиле сличните спорови преку посредство на Меѓународната унија за железници (УИЦ), со отпис на камати и државна гаранција за плаќање.
Во јавно достапните бизнис планови на Македонски железници секоја година, дури осум поранешни директори на Македонски железници го имаат наведено долгот што дополнително ја потврдува неговата правна и фактичка валидност.
Сепак, државните институции остануваат пасивни и дозволуваат секоја година износот на обврските да расте.


