Грчките државни службеници денеска на 24-часовен штрајк

Државните службеници во Грција денес започнуваат 24-часовен прекин на работата, поттикнати од Синдикалната федерација на државните службеници (АДЕДИ), поради предлог-законот за труд кој предвидува воведување 13-часовно работно време и други измени, објави електронското издание на весникот „Катимерини“.

Минатата седмица АДЕДИ повика на бојкот со барања за реституција на 13-тата и 14-тата плата, значително покачување на платите, склучување колективни договори во јавниот сектор, сигурна и континуирана вработеност и укинување на новиот дисциплински закон.

Вработените во градскиот превоз во Атина известија дека ќе се придружат на штрајкот на почетокот и крајот на работниот ден, со цел да ја изразат својата солидарност со државните службеници.

Поради тоа, денес метрото и трамвајот во грчката престолнина ќе функционираат од 9:00 до 17:00 часот, а автобусите и тролејбусите од 9:00 до 21:00 часот.

И железничките работници се приклучија на бојкотот, поради што денес нема да има движење на возови низ целата земја, пренесува „Катимерини“.

Главниот протестен собир во Атина е предвиден за 11 часот на централниот плоштад Синтагма.

На 1 октомври веќе се одржа 24-часовен национален штрајк против новото трудово законодавство, организиран од најголемите синдикати во јавниот и приватниот сектор – АДЕДИ и ГСЕЕ – на кој учествуваа и морнарите, транспортните и железничките работници.

Во Атина тогаш се одржаа масовни демонстрации со барање за повлекување на пакетот мерки што го менуваат работното време.

Пронајдете не на следниве мрежи: