Министерот за здравство Аазир Алиу изјави дека се разгледува можноста за воведување токсиколошки тестови за здравствените работници, откако во јавноста се појави видео-снимка со сега поранешниот директор на Клиниката за неврологија, Игор Кузмановски.
„Една од можностите што ќе ја разгледаме е дали во некои од законите може да биде вметнат и тој член“, изјави Алиу.
Тој вели дека во рамки на Министерството функционираат 12 работни групи кои работат на усогласување и измена на законите поврзани со здравствениот систем, со цел да се избегнат колизии меѓу одредбите.
Во однос на можните санкции за слични случаи, Алиу посочи дека тоа ќе биде предмет на работа на правниците кои ги подготвуваат законските решенија, додавајќи дека „во вакви ситуации постојат индикатори, и доколку се отстапува од нив, мора да се предвидат соодветни мерки и санкции“.



