Унгарија не може и нема да се откаже од нафтата и гасот од Русија, изјави унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто за време на панел-дискусијата на Меѓународниот форум „Недела на руската енергија“.
„Постојната инфраструктура не дозволува Унгарија да се снабдува со гас во доволни количини ако испораките од Русија се суспендирани“, нагласи тој.
Според него, Брисел се обидува да ја принуди Унгарија да ги замени сигурните извори на енергија, но за Будимпешта ова не е политичко прашање, туку прашање на суверенитет.
Како што истакна, Унгарија нема да дозволи никому да диктира од кого Будимпешта може да купува енергија. Земјата нема да дозволи никому да врши притисок врз неа кога станува збор за енергетската безбедност, а нејзиниот енергетски систем во моментов е безбеден.
„Како може откажувањето од еден извор на снабдување да се нарече диверзификација? Како може еден цевковод да се смета за побезбеден наместо два? Тоа е лудост, тоа е скандал. Тоа е целосно отсуство на логика“, изјави тој. Според него, истото важи и за испораките на нафта од Русија што пристигнуваат преку јужната гранка на цевководот Дружба.
Другите правци за снабдување со јаглеводороди во моментов не можат да ги заменат количините обезбедени од гасоводот Турски тек и цевководот Дружба. „Русија отсекогаш ги почитувала договорите и сигурно ја снабдувала Унгарија со енергија“, нагласи Сијарто.



