– Во недела, на 2 ноември, граѓаните на Дебар повторно ќе се упатат кон гласачките кутии за да го изберат новиот градоначалник на општината во вториот круг од локалните избори. Трката сега е помеѓу Фисник Мела, кандидат на коалицијата ВЛЕН, и Рамадан Имер, независен кандидат. Во првиот круг, кандидатот на ВЛЕН, Фисник Мела, доби најмногу гласови – 3227 гласови, додека Рамадан Имери беше второпласиран со 2532 гласови. На третото место се најде кандидатот на коалицијата НАИ, Илиријан Фетаху, кој обезбеди 1948 гласови, но не успеа да помине во финалната трка. Оттука, прашањето што нашироко се поставува во јавноста е: каде ќе бидат насочени гласовите на коалицијата НАИ во вториот круг, но и оние на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, кои во првиот круг ги поддржаа своите кандидати за општински совети.
Коалицијата НАИ во Дебар објави дека засега нема официјален став за поддршка на кој било кандидат.
„Немаме официјален став. Ги оставивме членовите и активистите сами да одлучат за кого сакаат да гласаат“, изјави претседателот на огранокот на ДУИ во Дебар, Артин Спахиу, кој е и носител на листата за советници од НАИ. Сличен став имаат и претставници на СДСМ, велејќи дека гласачите се слободни да одлучат индивидуално. Во меѓувреме, општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Дебар потврди дека ќе го поддржат кандидатот на ВЛЕН, Фисник Мела.
Сепак, извори на весникот известуваат дека се водат неформални контакти во рамките на локалните ограноци на НАИ и на СДСМ со претставници на двајцата кандидати, додека се прават и политички пресметки за мнозинството во Општинскиот совет. Општинскиот совет на Дебар има 15 члена, а во моментов го сочинуваат: ВЛЕН со 5 советници, НАИ 4 советници, Групата на независни кандидати со 3 советници, ВМРО и СДСМ со вкупно 3 советници. Мнозинството во советот, според тоа, ќе зависи од ставот што ќе го заземат советниците на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ по изборите во недела.
Во пресрет на вториот круг се очекува и пристигнување на гурбетчии, главно од Италија и неколку други европски земји, додека во последните денови во Дебар пристигнаа и сонародници од Соединетите Американски Држави, главно членови на семејствата и поддржувачи на кандидатите во трката. Кампањата во Дебар, се одвива на мирен и коректен начин, додека се очекува изборната атмосфера да се засили во текот на последните денови пред гласањето.
Во недела, жителите на Дебар ќе одлучат меѓу двајца кандидати за раководство на општината во следните четири години – трка која, според локалните набљудувачи, се очекува да биде многу тесна и одлучувачка за политичката рамнотежа во регионот.
The post Дебар пред локални избори: Каде ќе одат гласовоте на НАИ? appeared first on Во Центар.



